Меѓународен ден на младите оваа година, според Попов, младите го одбележуваат со надеж и мотивација за подобра иднина

Претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов, упати честитка по повод Меѓународен ден на младите. Тој изјави дека годинава младите го одбележуваат исполнети со надеж и мотивација за работа кон подобра иднина.

„Во изминатата година покажавме дека младите можат и знаат да бидат клучни во креирањето политики, носители на нови идеи и предводници на развојот. Како нова генерација во политиката, решивме да преземеме одговорност и самите да направиме институциите да работат во корист на секој еден млад човек.

Преку активен ангажман во Собранието, Владата, Министерствата и Општините, го ставивме младинското прашање во центарот и реализиравме конкретни мерки. Поддршка за младинското претприемништво, грантови за бизниси. Помош за млади брачни парови и семејства, зголемени стипендии, ваучери за електронски уреди. Нови работни места, инвестиции во спорт и здрав живот и многу други работи.

Ова е само почеток, а владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе испорачува непречено и во континуитет, за она кое нам ни е најважно – иднината на младите, на Македонија и македонскиот народ“, изјави Попов.

Тој додаде: „Како најголема политичка младина во Македонија, секогаш ќе служиме како обединувачка сила, мост за надминување на несогласувањата помеѓу младите, како платформа за реализација на сите ваши идеи и визии за подобро македонско општество. Ќе продолжиме да ја слушаме секоја ваша мисла, да ја претвориме во акција и да работиме за тоа младите да имаат еднаква шанса за успех“.

Попов порача: „Нашата цел е јасна – да изградиме држава во која младите остануваат, а не заминуваат, во која талентот, идеите и трудот се наградуваат, а секој млад човек ќе ја гледа иднината овде во Република Македонија“.