САД вршат зголемен притисок врз Мексико да им дозволи на американските сили да учествуваат во борбата против нарко-картелите, вклучително и во заеднички операции за уништување на лабораториите за производство на фентанил, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на американски официјални лица.
Според весникот, Вашингтон сака американски војници, припадници на силите за специјални операции или агенти на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) да ги придружуваат мексиканските сили за време на рациите врз лабораториите за фентанил. Извештајот се повикува на повеќе неименувани официјални лица.
Борба против нарко-картелите
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека картелите го водат Мексико и навести дека САД би можеле да напаѓаат копнени цели за да им се спротивстават. Тоа беше една од неколкуте негови закани за распоредување на американската војска во борба против нарко-картелите.
Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум, пак, неделава изјави дека по „добриот разговор“ со Трамп за безбедноста и трговијата со дрога, американска воена интервенција во борбата против картелите е исклучена.
„Њујорк тајмс“ наведува дека САД повторно извршиле притисок врз Мексико за користење американски сили откако Вашингтон го заробил венецуелскиот претседател Николас Мадуро во воена интервенција на 3 јануари.
Шајнбаум и претходно ги отфрлаше понудите на Трамп за американска воена акција на територијата на Мексико.
Агенцијата Ројтерс наведува дека не можела веднаш да ја потврди веродостојноста на извештајот на „Њујорк тајмс“, додека Белата куќа и мексиканското Министерство за надворешни работи не одговориле веднаш на барањата за коментар.
