Полицијата приведе вработен по пријава за злоупотреба на пари

Скопјанец е лишен од слобода поради сомнение дека противправно присвоил голема сума пари од фирмата каде бил ангажиран.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека вчера во 17:20 часот полициски службеници од СВР Скопје го привеле А.В. (35) од Скопје. Постапено е по претходна пријава поднесена на 4 февруари 2026 година.

Според информациите, во периодот од 18 декември 2025 до 4 февруари 2026 година, во продажен објект на подрачјето на Бит Пазар, каде работел како менаџер, во повеќе наврати неовластено земал пари од касата. Со тоа, како што наведуваат од МВР, на правниот субјект му била нанесена штета од 2.783.867 денари.

Ќе следуваат кривични пријави

Од МВР посочуваат дека по целосно расчистување и документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави. Станува збор за сомнение за сторени кривични дела „затајување“ и „кражба“ согласно Кривичниот законик.