Канцеларката Ангела Меркел изјави дека Германија сѐ уште носи одговорност за Израел, додека разговараше со премиерот Нафтали Бенет за време на последното официјално патување во земјата.
– Холокаустот се разбира е единствен настан за кој продолжуваме да носиме одговорност. Во секоја фаза од минатото, како и во иднина, рече Меркел денеска пред новинарите.
Бенет рече дека Меркел, која се повлекува откако ќе завршат преговорите за коалиција во Германија по изборите одржани во септември, е „моралниот компас на целиот европски континент“.
Тој ја пофали улогата на 67-годишната политичарка во зацврстувањето на специјалниот однос меѓу двете земји врз основа на „историската, длабока рана“ нанесена од нацистичка Германија врз Евреите во Втората светска војна.
Меркел се сретна и со израелската влада.
Владејачката коалиција се состои од вкупно осум партии од десната и левата страна од политичкиот спектар, вклучително за прв пат и арапската партија. Десничарскиот конзервативец Бенјамин Нетанјаху во јуни беше резрешен од функцијата премиер, откако беше на власт од 2008 година.
Канцеларката исто така планира да разговара со претседателот на Израел Исак Херцог и со министерот за надворешни работи Јаир Лапид, за прв пат откако владата и претседателот ги започнаа мандатите во јуни и јули.
Се очекува фокусот на разговорите да биде иранската нуклеарна програма, прашањето за независноста на палестинската држава и билатералните прашања, како и многу други теми.
Подоцна денеска, канцеларката во присуство на Бенет планира да положи венец во Меморијалниот центар Јад Вашем во Ерусалим.
На втората церемонија, Меркел ќе добие почесен докторат од израелскиот институт за технологија, Технион во Хаифа во северен Израел. Меркел и Бенет потоа ќе се сретнат заедно со претставниците на компанијата.
Канцеларката во понеделник ќе отпатува за Германија.