На поранешната германска канцеларка Ангела Меркел вчера и беше доделено највисокото признание во земјата.
Првата жена лидер во Германија, која се повлече од функцијата во декември 2021 година, беше одликувана со Федерален орден за заслуги од претседателот Франк-Валтер Штајнмаер за време на церемонијата во палатата Белви во Берлин.
На настанот беа присутни актуелниот канцелар Олаф Шолц, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и поранешниот селектор на фудбалската репрезентација Јирген Клинсман. Во својот говор, Меркел зборуваше за „многу добри искуства“ што ги имала во политиката, иако рече дека тоа е сфера која некои го споредуваат со „лудница“.
Само двајца поранешни германски канцелари ја добија оваа чест – Конрад Аденауер, првиот лидер на повоена Германија и Хелмут Кол, кој се смета за архитект на германското обединување.
Меркел е позната по тоа што ја водеше Германија за време на светската финансиска криза, должничката криза во еврозоната и пандемијата Ковид-19, но по руската инвазија на Украина минатата година, таа беше критикувана дека како канцелар водела премногу мека политика кон Москва.
Во ноември минатата година, Меркел рече дека имала за цел да одржи европски разговори со Владимир Путин една година пред неговата инвазија на Украина, но на крајот не видела можност да влијае врз рускиот претседател на крајот на нејзиниот мандат.
Како долгогодишен лидер во Европската унија, други аспекти од нејзината политика исто така беа под критики. Меѓу нив се и нејзините одлуки да ги отвори границите на Германија за бегалците во 2015 година и да се откаже од нуклеарната енергија.