Германската канцеларка во заминување, Ангела Меркел, изјави дека, по 16 години, сега едвај чека, како пензионерка, да им се посвети на работи кои ги запоставила додека беше на функцијата.

Меркел (67) рече дека сака „можеби да патува или да чита малку повеќе или едноставно да ужива во слободното време, знаејќи дека нема да се случи некаков пресврт во следните 20 минути“, пишува неделникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Канцеларката, која во 2018 година најави дека нема да се кандидира повторно, ја водеше Германија низ серија кризи, вклучувајќи ја глобалната финансиска криза, мигрантската криза и пандемијата на коронавирусот.

Таа изјавила дека годините на функција ја исполнувале, но биле и предизвик поради постојаната потреба да привлекува внимание, да спречи нешто или да реагира на кризи.

-Со добро чувство можам да кажам дека е правилно некој друг да го преземе водството, изјави Меркел.

Канцеларката во заминување, која ќе остане на функцијата до формирањето на новата влада, рече дека „подоцна може да дојде малку меланхолија“, но додаде дека е благодарна што можеше да и служи на земјата.