По предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје денеска определи мерки за претпазливост за Иџет Мемети, второосомничен во истрагата поврзана со примање награда за противзаконито влијание во која е вклучен и врховниот судија, Наке Георгиев.
Осомничениот, согласно одлуката на Кривичен, има обврска повремено да се јавува во судот, одземена му е патната и друга исправа за напуштање на државната граница и има забрана за издавање нова.
Мемети и Георгиев се осомничени дека за пари, на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, му ветувале дека ќе му ја олеснат положбата во која се наоѓа. Стојчев е осомничен за шверц на дрога и се наоѓа во притвор во Шутка.