Струшкиот и охридскиот градоначалник Мерко и Пецаков влегоа во отворена војна, откако Мерко јавно ја обвини Општина Охрид дека е најмногу виновна за ситуацијата во која се наоѓа Охридскиот регион, поврзан со статусот под УНЕСКО. Мерко отиде до таму што за ваквата состојба ги обвини и медиумите, за кои рече дека ширеле лажни невистини за неговата општина, објави Алсат.

„Најголемиот дел од проблемите и потешкотиите кои настанаа и сеуште постојат во Охридскиот регион произлегуваат од Општината Охрид и нејзините раководители, кои постојано, под патерицата на од нив платени медиуми, организации и лобисти, ја напаѓаат нашата општина за секаков аспект во секое време и место, без никакви аргументи. Општина Струга, најодговорно и најпрофесионално ги извршувала, ги извршува и ќе ги извршува сите обврски спрема задолженијата кои произлегуваат од мониторинг мисијата на УНЕСКО и од заклучоците од самитот на УНЕСКО“, вели Мерко.

За неодговорно работење да коментираат оние кои се впишани во меѓународните црни листи за разно злоупотреби е трагикомично возврати Пецаков.

„Кога некој е на црна листа од тие причини, ја обвинува Општина Охрид, која нема таква дамка во работењето без разлика кое раководство ја раководело е далеку од приципиелно, и ниту е колегијално и нема врска со реалноста.За сите оние работи кои можеби го критикувале Мерко, го критикувале заради тоа што тие таму не ги спровеле“, рече Пецаков.

Од ЗНМ, реакцијата на општина Струга, ја оценуваат како обид за замолчување на локалните новинари преку цензура.

„Службениците за својата работа одговараат пред граѓаните, така што секој обид за замолчување на новинарите внесува недоверба кон институцијата. Овој инцидент ќе биде нотиран во годишните извештаи за слобода на изразување како негативен пример за погрешна комуникација на јавни институции со новинари и медиуми“, велат од ЗНМ.

Градоначалникот Пецаков најави дека како Општина ќе испратат писмо со реакција до Општина Стурга, со кое ќе побараат официјално извинување од Мерко за изнесени наводи.