Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска остро ја критикуваше крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), нарекувајќи ја „деструктивна сила“, во првото обраќање во парламентот по убедливата победа на антиимиграциската партија на покраинските избори во Саксонија-Анхалт.

Мерц истакна дека АфД не успеала да ја постигне својата јавно наведена цел за освојување апсолутно мнозинство на неделните избори, оценувајќи дека „никаде во Германија“ партијата нема да може да го постигне тоа со своите политики.

АфД освои прво место со рекордни 43,8 проценти во Саксонија-Анхалт, што значи дека за малку не успеа да освои апсолутно мнозинство од пратеничките места. Сепак, партијата беше убедливо пред демохристијаните на Мерц (ЦДУ), чијашто поддршка падна за речиси 20 процентни поени, на 17,2 проценти.

Денешната средба во рамките на дебатата за Буџетската недела во Бундестагот, долниот дом на парламентот, беше првпат Мерц и копретседателката на АфД, Алис Вајдел, лично да се соочат по неделното гласање. Вајдел, на која како лидерка на опозицијата ѝ беше дозволено прва да зборува, го искористи своето време за жестоко да ја нападне владата на Мерц, вклучително и нејзината миграциска политика, поддршката за Украина и климатската политика.

Мерц ја обвини АфД дека ги изневерила гласачите, посочувајќи дека само неколку часа по затворањето на избирачките места, раководството на АфД го повикало Улрих Зигмунд, нејзиниот главен кандидат во Саксонија-Анхалт, да стапи во контакт со други партии за да најде мнозинство, иако Зигмунд повеќепати пред изборите нагласувал дека ќе владее само доколку АфД освои апсолутно мнозинство.