И покрај тензиите со Вашингтон и планираното повлекување на американските трупи од Германија, германскиот канцелар Фридрих Мерц вели дека е оптимист во врска со кохезијата и иднината на НАТО, пренесува ДПА.
– Силата на НАТО не зависи само од бројот на војници, туку и од споделените цели, а ова единство останува недопрено, изјави Мерц за новинарите во Стокхолм, каде што присуствуваше на конференција на шведските конзервативци предводена од премиерот Улф Кристерсон.
Тој се надева и дека САД ќе ја задржат својата улога во НАТО.
– Не се сомневам дека САД имаат силен интерес да имаат силна европска компонента на НАТО на своја страна, и обратно“, додаде Мерц.
Министерството за одбрана на САД соопшти дека ќе повлече околу 5.000 од приближно 39.000 американски војници стационирани во Германија.
Објавата дојде во услови на зголемени тензии меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Мерц околу конфликтот во Персискиот Залив.
Разгорувањето на тензијата се случи откако Мерц минатата недела изјави дека САД се понижени од Иран.
Трамп одговори со тоа што го отфрли Мерц како „тотално неефикасен“ лидер на „ослабена земја“ кој „мисли дека е во ред Иран да има нуклеарно оружје“.
Европските лидери се повеќе се вознемирени од ставовите на Трамп кон безбедносната улога на НАТО и гневот кон земјите-членки на ЕУ и Алијансата заради тоа што не ја поддржале воената акција на САД против Иран, забележува ДПА.
