Министерството за финансии ја исплати седмата транша од буџетските средства наменети за поддршка на инвестициите во приватниот сектор. Со ова продолжува финансиската инјекција кон домашната економија.
Министерството соопшти дека кон Развојната банка се префрлени 785 милиони денари. Тие пари се дел од рамката од околу 300 милиони евра предвидени за поттикнување инвестициски циклус кај домашните компании.
Со последната исплата, вкупниот износ што досега е насочен кон економијата за поддршка на инвестициите надминува 200 милиони евра. Преку претходните шест транши биле пласирани 190,5 милиони евра, информираат од МФ.
Средствата што во Буџетот за 2025 година се планирани во износ од 250 милиони евра биле обезбедени под поволни услови од унгарската Експорт-импорт банка. На ист начин – под поволни услови – тие средства се пласираат и до крајните корисници, односно македонските компании.
Каматната стапка изнесува 1,95 проценти годишно, а отплатата може да се врши во рок до 15 години, со грејс период до 3 години.
