Во Буџетот во 2021 година е остварена реализација на вкупните приходи за 15,3 отсто повеќе во споредба со 2020 година, додека кај капиталните расходи е забележан раст на реализацијата од 45,2 процента во однос со 2020 година. Натфрлање на планираното е забележано кај приходите од даноци и придонеси за два отсто, додека дефицитот е реализиран во износ од 38,8 милијарди денари или 5,4 отсто од БДП што е понизок од проектираниот за 2021 година од 6,5 проценти од БДП.
-Испративме година која ја завршивме со позитивни движења во економијата, иако се уште беше присутно влијанието од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид 19, притисокот врз цените на светските берзи што се чувствуваше и во нашата економија, како и енергетската криза, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Според него, мерките и севкупните спроведени политики придонесоа 2021 година да заврши со економски раст од 4,1 отсто, согласно проекцијата за раст на БДП, но и со можност да се надмине.
-Економијата во првите девет месеца од 2021 година достигна раст од 4,6 отсто. Индустриското производство во ноември забележа раст од 4,7 проценти, извозот во периодот јануaри-октомври има раст од 22,8 отсто, финалната потрошувачка раст од 4,5 проценти, бруто-инвестициите забележаа реален раст од 3,4 отсто во првите девет месеци, невработеноста падна на историски најниско ниво од 15,7 проценти, додека просечната нето плата исплатена во октомври забележа раст од 4,5 отсто во однос на октомври претходната година. Овие движења се рефлектираа во успешната реализација на проектираните приходи во буџетот, така што во 2021 година имаме натфрлување во реализација на даночните приходи и придонесите кои заклучно со 31 декември достигнаа ниво од 102 процента од планираното со ребалансот во јуни 2021 година, кога истите беа ревидирани нагоре во однос на почетниот Буџет, и тоа за пет отсто даночните приходи, а за 1,3 проценти придонесите, истакнува Бесими.
Министерот додава и дека приходите од даноци и придонеси во 2021 година имаат реализација од 196.309 милиони денари што е зголемување за 13,2 отсто во споредба со 2020 година.
-Кај даночните приходи најголемо натфрлување има кај ДДВ од 7,3 отсто или остварена е реализација на ниво од 107,3 проценти, односно по овој основ во буџетот се слеани 58.194 милиони денари. Од персонален данок на доход слеани се 20.552 милиони денари и реализиран е со 98,86 отсто од планираното. Кај ДДВ има 24,1 процент повеќе остварени средства во однос на 2020 година, додека кај персоналниот данок на доход има раст од 10,3 отсто, посочува Бесими.
Вкупните расходи се реализирани на ниво од 257.353 милиони денари или 95,87 отсто од планираното и бележат раст од 5,7 проценти во споредба со 2020 година. Кај капиталните инвестиции во 2021 година се бележи повисока реализација за 45,2 отсто, односно, во 2021 година реализацијата на капиталните инвестиции е на ниво од 23,4 милијарди денари што претставува реализација на 79 проценти во однос на планираните средства. Значајно е, дополнува Бесими, што реализираните инвестиции во 2021 година се на највисоко ниво во апсолутен износ.
-Ова дава оптимизам за реализирање големи капитални проекти планирани во Планот за забрзан економски раст 2022-2026, но и реализација на планираните капитални инвестиции во 2022 година кои се на историски највисоко ниво досега со учество од 14 отсто во вкупните расходи, подвлекува министерот.
Капиталните расходи оваа година се проектирани на 38,2 милијарда денари и се за 28,3 отсто повеќе во споредба со 2021 година.
-Предвидени се крупни јавни инвестициски зафати во областите на патната и железничката инфраструктура, дигитализацијата, енергетиката, како и зелениот развој. Меѓу позначајните проекти се изградбата на автопатот на Коридорот 8, изградба и рехабилитација на железничката инфраструктура од коридорите 8 и 10, гасоводна инфраструктура на магистралните делници Скопје – Тетово, Гостивар – Кичево, Свети Николе – Велес, како и интерконективен гасовод со Република Грција и други. Во 2022 година останува посветеноста на грижата за заштита на здравјето на граѓаните, економското заздравување и забрзување на растот и зголемување на инвестициите при истовремена фискална консолидација, непречено финансирање на основните функции на државата, како и поддршка на реформските процеси во правосудството и евроатлантските интеграции, напоменува Бесими.
Сите политики оваа година, потенцира, ќе бидат насочени кон постигнување стапка на БДП која ќе го надмине нивото од пред КОВИД-кризата.
-Растот на БДП е проектиран на ниво од 4,6 отсто, воден од порастот на бруто-инвестициите од 8,5 проценти, зголемена извозна активност од 8,1 отсто, зголемена потрошувачка и вработеност со по 3,1 процент, што ќе доведе до целосно заздравување на економијата и започнување период на забрзан раст од над пет отсто годишно, истакнува министерот за финансии.