Денес пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ имаше редовна координација овој пат пред самата седница каде што е предложена точката за уставни измени. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ останува на континуираниот став дека измени на Уставот во ваков формат под бугарски диктат не се можни и нема да поддржиме, рече на денешната прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

-Впрочем нашиот став е кажан и на Комисијата за уставни измени, каде аргументирано кажавме дека власта турка процес кој што не е поддржан од граѓаните. Истото ќе го повториме и на пленарната седница. Оваа седница ќе биде добра можност да се увери целокупната јавност дека власта цела една година лаже, манипулира и сее магла околу уставните измени и дека не се ни блиску до уставни измени. Тоа значи дека власта е разголена и нема друг адут освен лагите и манипулациите. Ова се случува секогаш кога народот ќе се потцени, и кога личните интереси ќе ги стават пред тие на државата. Тие цела година купуваа време со очекување и сега стануваат жртва на сопствените лаги. Дозволија државата да ја стават во подредена позиција и да ја донесат во слепа улица. После ова очекуваме одговорност, истакна Мицевски.