Собранието веќе трета четврта недела е центар на циркусот кој се случува на политичката сцена во Македонија. после обидот да се поднесат закони од страна на пратеници кои наводно не го виделе договорот, а напишале закони кои за некоја случајност содејствуваат со договорот, владата реши да ги повлече, а потоа на класично груб начин со злоупотреба на европското знаменце ги поднесе во собраниска процедура и тоа не сите само 5, бидејќи проценија дека само тие им требаат, изјави координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во „Тема на денот” во дневникот на Сител.

Мицевски потенцираше дека власта доби ладен туш од канцеларијата на Европската Унија, а истото го констатираше и Европската Комисија од Брисел, додека од друга страна ја гледаме владата како бара оправдување за сето ова што го направила.

– Кај нас се случува нешто што не се случило никаде и тоа е очигледно затоа ЕУ со писмо бара одговор за злоупотреба на европското знаменце, се огласи Брисел, како и евроамбасадорот Гир ги кажува забелешките, а владата продолжува како и изминативе 5 години да ја обвинува опозицијата и крива да им биде опозицијата, истакна Мицевски.

Во однос на функционирање на Собранието, Мицевски вели дека најголема одговорност за тоа што се случува во Собранието има кај власта и дека одговорна власт кога не може да одржи функционалност, треба да оди на избори.

– Ако ја погледнете како се движи оваа влада од почетокот на овој мандат, ќе видите дека 80% од носителите на листи на СДСМ веќе не се во политика, ќе видите дека програмата која поднесоа не содејствува со ова што се случува, дека коалиционите партнери кои направија тенко мнозинство не се истите. Сменети се улогите за задржување на гола власт. Одговорна власт кога ќе види дека не функционира Собрание оди на избори, свесни дека немаат поддршка, остануваат со наратив за европски фронт, а од друга страна имаме класична злоупотреба и спинување, изјави Мицевски.

Мицевски исто така посочи дека власта се уште бега да прикаже каков договор потпиша за коридорите и веќе не спомнува за договорот да се види на комисија во Собрание

– Најмалку беше важно на која комисија, туку важно е да се види договорот. Кога се крие дај да го видат барем тие со сертификат, но останувам на тоа зошто да се крие договорот, треба да го видат граѓаните. Се уште ќе бараме, тој договор, дали сега или откако ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе власта ќе го види светлото на денот, прашање е зошто се измислуваат спинови, само да се избегне да се прикаже договорот и што се содржи во него, изјави Мицевски.