„Денес по само една година од изборот на оваа Влада повторно сме тука и повторно ќе гледаме нов театар за избор на нова Влада. Денес пак ќе слушаме лаги, пак ќе слушаме ветувања, пак ќе го слушаме фамозното и претпознатливо „ЌЕ“, пак ќе слушаме разно разни изговори. Но бидете сигурни дека нема да слушнеме ни збор за одговорност и отчетност за сите проблеми, криминали и порази и неуспеси кои што ни ги донесе оваа најнеуспешна и најкорумпирана Влада досега“, истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на денешната собраниска седница.
Мицевски додаде дека од власта ќе зборуваат за се и сешто, но нема да зборуваат ниту за успеси, ниту пак за напредок, ниту пак за реформи.
„Оваа Влада оваа година нема ниту еден успех, нема ниту една реформа со која што може да се пофали. Напротив Владата реди порази, реди пораз до пораз, реди неуспех до неуспех. Дури и со она малку со што се обидува да се пофали преку својот скапо платен ПР, граѓаните ниту го прифаќаат, ниту му веруваат“, нагласи координаторот на пратеничката група Мицевски.
„Денес можеме и треба да зборуваме за се, освен за неуспесите и неспособноста на Владата и ништо друго. Се останато се ќе биде мачкање на очи, замајување на јавноста и трошење на драгоцено време. Имено, тогашниот мандатар, а сега премиер Ковачевски во својот говор ветуваше многу, но до денес не реализираше ама баш ништо во интерес на граѓаните. И еве повторно премиерот Ковачевски вчера во своето излагање очигледно немајќи со што да се пофали и немајќи за што да говори го потврди тоа што го кажав пред малку, а тоа е дека пак ќе не убедуваат дека во Македонија нема никаков криминал, нема делење на семејно партиски тендери, нема лично богатење врз грбот на граѓаните, нема незадоволни граѓани, нема злоупотреби и скандали, нема недостиг на лекари, нема масовно иселување на младите, нема економска криза, нема енергетска криза итн.“, рече Мицевски.
Тој посочи дека за премиерот и министрите во Македонија тече мед и млеко и се е како подмачкано.
„И затоа ние денес не сме тука за ставање на крај на неуспесите на оваа Влада и на сите проблеми, сите криминали и скандали со кои што се соочува оваа Влада и проблемите кои што ни ги донесе. Туку сме тука да дискутираме за реконструкција на Влада само поради редовно освежување и замена на кадрите со нови“, рече Мицевски.
Мицевски укажа дека целата македонска јавност беше сведок на изјавите на високи функционери на Социјалдемократскиот сојуз каде што изјавуваа дека ќе се залагаат за ставањето на државните пред партнерските интереси. Но тоа не се случи, се што беше ветено не се оствари.
„Владата самата си ги покажа своите абнормалии, неспособноста и фалинки. Секој ден излегуваат на површина низа недостатоци, разно разни бирократски процедури поради кои што ни умираат пациенти, општеството е закочено од криминал, а корупцијата едноставно царува. Граѓаните се разочарани и едвај врзуваат крај со крај. А, ветувањата за зголемени плати и пензии остануваат само на хартија“, рече Мицевски.