Она кое што сакам да го прашам овде во Босилово е дали сме подготвени да ја направиме Македонија повторна горда, праша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешното свое обраќање пред граѓаните во општина Босилово во рамките на претседателската кампања.
Мицкоски потенцираше дека на овие избори се одлучува дали Македонија ќе биде онаква каква што сакаат граѓаните да ја видат или пак онаква каква што Али Ахмети му сугерираше на Димитар Ковачевски со три клучни збора „Како до сега“?
-На овие избори одлучуваме дали Македонија ќе биде онаква каква што мојата, вашата, нашата генерација сакаше да ја види или пак ќе биде Македонија онаква каква што Али Ахмети му сугерираше на Димитар Ковачевски со три клучни збора, а тоа се како до сега? Овие избори кои што следат се Македонија горда, Македонија повторно твоја или пак како до сега во која СДС се ништо повеќе од еден обичен измеќар на ДУИ, а државата, нашата Македонија ја водат Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи и останатите стотици разбојници од ДУИ кои од Македонија направија сопствен вилает, рече Мицкоски.
Во врска со принципот „Како до сега“ претседателот Мицкоски додаде:
-Каков е принципот на „Македонија како до сега„? Македонија подразбира да продолжи Артан Груби да си ги мести тендерите, а членовите на негoвотo семејство да купуваат скапоцени, милионски имоти во центарот на поголемите градови низ Македонија, вклучително и главниот град. „Македонија како до сега“ според методологија на Али Ахмети и Ковачевски е Македонија во која Бујар Османи како министер за надворешни работи патува низ светот и го распродава македонскиот идентитет, небаре го наследил од неговиот дедо. „Македонија како до сега“ е методологија во која Али Ахмети ужива во својата хациенда во Зајас небаре е некој блискоисточен мултимилионски шеик и оттаму ја крои судбината на Македонија.
На крај Мицкоски порача дека на овие избори граѓаните ќе одлучат дали ова трио ќе продолжи да ја уништува Македонија или пак ќе гласа за Македонија да биде повторно горда.
-Затоа секој еден кои што ќе излезе на овие избори одлучува дали ова трио ќе продолжи како до сега да ја уништува Македонија или пак ќе гласа за Македонија да биде повторно горда онаква каква што сакаме да ја видиме, Македонија да биде повторно ваша? На 24 април бирате помеѓу Стево Пендаровски и професорката Гордана Силјановска Давкова, кажа Мицкоски.