Ајде утре, еве привремено ќе ја тргнеме блокадата да изгласаме сите заедно во парламентот една изборна единица, да не бидат шест, другиот ден веќе ќе ги добие Тупанчевски тимовите кои ќе работат на измените на изборниот законик согласно препораките ОБСЕ – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во гостувањето во емисијата ,,Топ тема” на телевизија Телма.
Мицкоски додаде дека веќе се обиделе и со мнозински систем претходно но не наишле на поддршка од останатите политички партии. Запрашан дали тоа било некако флерт со помалите политички партии, Мицкоски рече дека во политиката може да се флертува со разни целни групи, но ова е принципиелен став кој трае неколку месеци. Рече дека тогаш се обиделе и не наишле на поддршка, но сега треба да се направи една изборна единица. Во однос на прашањето дека тоа не им одговара на ДУИ, Мицкоски рече дека тоа треба да ги прашаат во ДУИ бидејќи тие не се коалиционен партнер.
– Видете сега една чудна ситуација, СДСМ е коалиционен партнер и со ДОМ на Морачанин, ЛДП на Милевски, Народна на Ѓеорѓиевски, ДС на Павле Трајанов кои што се обединети во барањето за една изборна единица. Но, истовремено е партнер и со ДУИ кој вели никако една изборна единица, сега не сме ние тие кои треба кај нив да ги решаваат недоразбирањата. Но еве, јас ја фрлам ракавицата бидејќи Тупанчевски бара тимови преку медиуми бидејќи официјално никој од нас ништо не побарал, еве јас велам утре во парламентот да изгласаме една изборна единица и потоа, веќе задутре да ги номираме тимовите – додаде Мицкоски.