– Што се однесува до 15 закони, јас не знам дали се 15, но знам дека има закони кои што на брутален начин Владата на СДСМ и ДУИ сака да ги помине и на шверцерски начин низ парламентот комплетно злоупотребувајќи го европското знаменце, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање денеска во Гази Баба каде што беа претставени кандидатите за градоначалник на оваа општина и кандидатката за градоначалник на Скопје.
Мицкоски упати и порака до граѓаните нагласувајќи дека за неколку недели сами ќе одлучат дали сакаат да живеат во држава односно како што тој ја нарече ДООЕЛ Заев или пак во слободна и демократска држава во која се развиваат европските вредности.
– Ја користам оваа прилика да ја упатам и мојата порака до меѓународната заедница, посебно до Европската унија ако ова остане не искоментирано и ако ова не се спречи, тогаш ВМРО-ДПМНЕ целосно ќе ја блокира работата на македонскиот парламент, на македонското собрание. А пораката до македонските граѓани е дека за неколку недели од сега ќе имаат можност да одлучат дали сакаат да живеат во држава ДООЕЛ Заев каде што парламентот комплетно ќе биде приватизиран и на шверцерски начин ќе се носат бизнис закони како што се овие вие рековте 15, или пак ќе имаме слободна демократска држава која ќе се развива и ќе биде рамо до рамо со европските вредности, изјави Мицкоски.