Ако сакате некоја работа да нема успешен крај, тогаш повикајте ги Пендаровски, Ковачевски, Маричиќ, Османи и останатите да испратат порака. Тогаш сигурно таа работа нема да има успешен крај, па така и во овој случај, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета на Прилеп, одговарајќи на новинарско прашање за најавата на власта дека Македонија може да стане членка на ЕУ до 2030 година.
– Ќе потсетам дека СДС од 2002 година ветува, па 2017 онаа слика со авиончето дека ги почнуваме преговорите и секогаш нивната главна тема европските интеграции и Македонија само што не станала членка на Европската Унија. Ќе ве потсетам и на онаа лажна кампања со билборди за европско здравство, европско образование, а прошетајте низ болниците во Македонија, ќе забележите дека луѓето за жал умираат по ходници затоа што не ја добиваат негата која треба да ја добијат, истакна Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека овие луѓе од власта се полни со манипулации, невистини и лаги. Не се борат Македонија да влезе во ЕУ, ниту имаат план, тие се виновници кои го уништија процесот Македонија да биде дел од ЕУ, со тоа што прифатија нешто што никој нормален во оваа држава не го прифати.
– Ако сакаме навистина Македонија да ја придвижиме во ЕУ, прво што треба е час поскоро овие да заминат. Колку побргу заминат, толку побргу Македонија ќе ја придвижиме кон ЕУ. Тие се борат само за да останат ден повеќе, за тендер повеќе, за повеќе украдени народни пари, тие несе борат ниту имаат интерес Македонија да ја видат во ЕУ затоа што таму политички измамници и криминалци од нивниот ков нема, изјави Мицкоски.