Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за Македонската радио телевизија, истакна дека ќе биде срамота доколку во Македонија има рестрикции на струја и посочи дека на вакво лошо ниво како држава сме поради лошото менаџирање во енергетскиот сектор.
– Би било навистина срамота ако имаме рестрикции, бидејќи сепак во 21 век во Европа земја кандидат за членство во Европската унија во услови на вака развиена дистрибутивна преносна мрежа да има рестрикции, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека власта ако не обезбеди доволно струја повторно би се впуштила во кражба од соседните оператори како минатата година и за тоа ќе плаќа пенали на штета на граѓаните.
– Доколку немаат обезбедено струја како минатата година тие ќе крадат од соседните систем оператори, се сеќавате дека минатата година плаќаа сериозни пенали во месеците ноември и декември затоа што не произведуваа, немаа обезбедено и мораа да крадат од соседните систем оператори, а потоа плаќаа огромни суми, истакна Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека и тоа што им недостасува од електрична енергија ќе го платат по повисока цена, ќе се потрошат многу пари, тоа се пари на граѓаните и дека за жал тоа е последица на лошо менаџирање.