Предлог кој е ултиматум за иднината на нашата Македонија. Предлог кој е диктат за мегаломански барања и историски аспирации кон Македонија. За таков предлог одговорот е НЕ БЛАГОДАРАМ!!! Предлогот кој е на маса, и кој владата го криеше, а до кој дојдовме ние по наши канали, всушност е истиот кој веќе еднаш беше одбиен. И со жалење морам да констатирам дека овој предлог ги содржи сите бугарски барања и во делот на историјата, и во делот на јазикот, и во делот на идентитетот.
Ова денес го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во продолжение следува интегрален текст од неговата прес-конференција:
Прифаќањето на ваквиот предлог подразбира целосно право на Бугарија да менува учебници и да ги пишува согласно бугарскиот диктат, а нашите деца во основното образование да учат според бугарскиот диктат или нема европска иднина. Прифаќање дека Гоце Делчев, дека Даме Груев, дека Јане Сандански и останати херои и револуционери биле Бугари, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.
Секој кој како владата Ковачевски, Османи и Маричиќ ќе ви кажува нешто поинаку, ви кажувам со целиот мој дигнитет и име, дека не ја говори вистината или да бидам подиректен ве лаже.
И затоа имаме какафонија од предлози, два документи, два процеси, сменети зборчиња, семантичка инверзија кои владата ни ги покажува за успех. Еве ви кажувам дека лажат и манипулираат.
Јас и ВМРО-ДПМНЕ да се знае уште сега во таков процес нема да бидеме соучесници, ќе се бориме за вистината и против ваквиот нокаут на македонската дипломатија.
Еве ги тие два документи. Бидејќи владата требаше да ги објави, еве ние ги прикажуваме на јавноста.
Првиот документ кој што секоја една земја која што имала аспирации да биде дел од ЕУ го нарекува меѓувладина конференција, а кај нас тоа се вика прв дел од меѓувладината конференција, а ова е практично вториот дел од таа меѓувладина конференција, која што само за нас е создадена како кованица и се нарекува втора меѓувладина конференција.
Каде е суштината и каде е направена лингвистичката инверзија. Најпрвин во првиот документ, кој што би требало според владата да се нарекува прва меѓувладина конференција, на страна 5 точка 3 стои дека во преговарачката рамка, и двете страни ќе дадат унилатерални изјави, декларации коишто ќе кажат како го подразбираат македонскиот јазик.
Претпоставувам доколку ова стигне до Брисел од нашата македонска страна истото ќе биде македонски јазик, а од страна на Бугарија ќе има еднострана изјава дека тие не го признаваат македонскиот јазик односно дека тие го признаваат согласно Уставот на Македонија.
Следната семантичка измена е во страната 10 од овој прв документ кој треба да биде документ содржан во преговарачката рамка. Каде што точно се цитира во точка 5 соодветната алинеја, договорот за добрососедство со Бугарија, каде што делот билатерални протоколи е заменет со годишни извештаи и мерки за ефективната имплементација по членот 12. Членот 12 од договорот за добрососедство ќе биде практично одлучувачки член врз основа на кој ние или ќе напредуваме или ќе бидеме подложни на вето од страна на нашиот источен сосед. А членот 12 сакам да посочам дека е делот каде што се регулирани меѓувладините конференции помеѓу Македонија и Бугарија. Досега се одржани две такви, првата формална помеѓу Димитров и Захариева и втората помеѓу Османи и Генчовска за која што протоколот се уште не е потпишан, а ќе видите дека се повикуваат и на тој протокол.
Појаснувам протоколот е заменет со годишни прегледи и мерки и мерки. Што значи мерки, ако немате во учебниците променето дека Илинденското востание, македонско заменето со бугарско Преображенско тогаш не сте презеле мерки и вие не може да напредувате и ќе бидете подложни на вето. Ако уште во процесот на преговори во учебниците на нашите основци стои Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански дека се македонски херои, вие не можете, бидејќи не сте презеле мерка и ефективно таа мерка не сте ја имплементирале. Ете тоа е разликата за која што Османи и Маричиќ се препелкаат и не знаат како да ја објаснат.
Вториот документ кој е практично втор дел од таа меѓувладина конференција на страна 7, точка 11 јасно стои дека Македонија нема да го отвори првиот кластер фундаменталс се додека не се случат уставните измени на кои што се повикуваат заклучоците од Европскиот Совет.
Значи нема отворање на преговори, кластер фундаменталс се додека не се случат уставните измени.
На страна 8, е избришан делот каде во првиот стоеше делот за јазикот и е префрлен сега во првата половина според нив наречена прва меѓувладина конференција и јасно сега стои дека Македонија не може да го почне процесот на преговори, се додека не биде потпишан протоколот, од втората средба на заедничката меѓувладина комисија која што е основана врз основа на членот 12 од договорот за добрососедство кој го има нашата влада потпишано со нашиот источен сосед.
Што подразбира тоа. Тоа е оној протокол во кој се содржани историјата, културата, сето она кое што треба да го направиме како измена и мерка во нашите учебници.
Сето она кое што го слушате од Ковачевски не е визија, не е стратегија не е битка за идните генерации, тоа е срам за идните генерации. Тоа е пораз и капитулација која идните генерации ќе ја имаат како грутка во својата душа затоа што некој како Ковачевски и некој како Бојан Маричиќ се дрзнале да го погазат македонскиот идентитет. Идентитет за кој крв се давало, за кој жртви паѓале, за кој мајка од дете се делела, мајка од ќерка се делела. Тоа денеска не убедуваше Ковачевски во друштво на Бујар Османи и останатите дека било визија.
Не е тоа визија. Тоа е срам и предавство. Тоа е она за кое ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати и ќе се бори да истото тоа со сето она кое што го располага ВМРО-ДПМНЕ да го објасни пред македонските граѓани.
– Ваков ултиматум за Македонија, драги пријатели – НЕ, благодарам!
Сакам да се знае дека сега е моментот кога треба да се биде јасен, гласен и да се заземе вистинска страна, страната на Македонија и страната на народот.
Впрочем, оваа влада прави огромна штета бидејќи одобрувањето на ваква рамка значи или во ЕУ, асимилирани и бугаризирани, или секогаш да останеме надвор од ЕУ.
Јас ултиматуми по цена на достоинството на народот не прифаќам и нема никогаш да се согласам со тоа.
Затоа велам, дека треба да сме гласни!
Имаше, драги пријатели, иницијатива за протести и ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи на таа иницијатива и повикувам на народен, сенароден протест.
Сенароден!
Заборавете дека се обраќам од говорницата на ВМРО-ДПМНЕ, секој оној кој што ја слуша оваа прес конференција и кој што мисли дека јас ова што го зборувам е така, нека ни се придружи утре пред платото на владата на Република Македонија во 19 часот.
Јас таму ќе бидам како еден од многуте, како ваш сограѓанин, како човек со име и презиме и затоа го повикувам целиот народ од цела Македонија но и надвор од Македонија да ни се приклучат и да застане со нас, рамо до рамо и да го одбраниме она што се вика европска вредност и да го спасиме процесот на преговори затоа што овој преседан денеска и се прави на Македонија ќе им се прави на сите земји во регионот и членството во ЕУ за сите нас ќе стане, во суштина цел која никогаш нема да ја достигнеме.
Ние треба да преговараме за нешто што се случило пред десеттина векови, а се бориме за иднината на нашите деца.
Само човек кој е аматер може да мисли и да верува дека ова е добар договор, освен, ако нема задни намери, а во она друштво пред некој час во зградата на ,,Илинденска” видов многумина за кои сум сигурен дека имаат сериозни задни намери.
Затоа повикувам на обединување и на висока свесност за тешките удари кои оваа влада ќе ги прави на нашата Македонија.
Или сега ќе кажеме гласно НЕ, или потоа драги пријатели, драги сограѓани ќе немаме право да бидеме повторно гласни и ќе немаме на приговори.
Затоа да излеземе сите заедно без разлика дали сме политички определени или неопределени, без разлика дали сме вакви или такви, леви или десни, либерални или конзервативни, ако нас ни значи Македонија, ако ни значи делото на нашите предци, ве повикувам утре како граѓанин обичен, да излеземе пред платото на владата и да кажеме едно големо НЕ во 19 часот.