Добро вечер за општината која сум убеден дека на 17-ти октомври прва ќе слави победа, убедлива победа која ќе биде круна на нашата борба за промени, порача вечерва од Бутел претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој го претстави кандидатот за градоначалник на општината Дарко Костовски. Мицкоски потенцираше дека Скопје заслужува промени, а Бутел заслужува нов почеток и многу работа за бутелчани.
На промоцијата присуствуваше и кандидатката за градоначалник на Скопје Данела Арсовска, за која Мицкоски вели е идна градоначалничка на Скопје.
Колку власта е исплашена, колку само им се тресе душата од промените кои доаѓаат ќе видите по нападите кои оркестрирано ги прават и говорот на омраза кои го истураат врз Данела Арсовска. Не знаат кој правец да го фатат, а омразата ги заслепува. Па оној кој себе си се преставува за градоначалник на Скопје, кој камен на камен нема ставено за Скопје, цели 4 години уште не може да ги заврши проектите на неговиот претходник.. кој поседува имот, слично како и неговиот лидер во партијата, а кој може да се мери со некој блиско источен монарх, започна дебата дека Данела не била независен кандидат, порача Мицкоски.
Тоа е така, вели тој, зошто тие од СДСМ не може да сфатат дека ВМРО-ДПМНЕ има доволно демократски капацитет за да препознае и признае квалитет надвор од партиските рамки и да поддржи независен кандидат за Скопје.
А не може да сфатат зошто како што велат оние кои престануваат да служат на врхушката во СДСМ, велат тоа е киднапирана партија. Проблемот е тоа што тие кои ја киднапирале СДСМ сега ја имаат киднапирано и државата.
А бидејќи велат дека тука во ВМРО некој од некого се срамел, тогаш ќе им кажам што е вистински срам. Срамота е, и не само тоа, туку вистинско одлепување од реалноста е да си најбогат градоначалник на градот каде живее најсиромашно население. Срамота е луѓето да не те знаат по проекти, туку по 4 стана, хациенда од викендица и една зграда среде Скопје, додека најголемиот дел од народот живее притиснат во домови од по 60 квадрати и така неколку генерации во исто време. Срамота е мистериозно да ти исчезнат 12.5 милиони евра од продажба на нова градска куќа, а градот да го оставиш во трули бараки. Срамота е и да се местат тендери на кои секогаш има само еден понудувач кој најчесто е и добитник.
Но во исто време и знам дека тоа што е срамота за сите нормални луѓе, за власта не е. Зошто тие имаат отсуство на срам. И толку за нив. ВМРО-ДПМНЕ води позитивна кампања, зошто на народот му е преку глава да слуша што не чини, зошто сите ние ја живееме реалноста, време да чујат за што се бориме и што ќе направиме, рече Мицкоски.
Потенцираше дека Бутел заслужува многу повеќе од тоа што го живее денес.
А Дарко Костовски е нашиот кандидат за градоначалник кој ќе ја има најтешката обврска да ги промени работите.
Затоа јас денеска повторно ќе прочитам писмо да идниот градоначалник за да остане запишано и запаметено што го чека Дарко, народот да знае што е она што може да очекува и на што да се надева, рече Мицкоски.
Писмо до идниот градоначалник, Бутел 31 август 2021 година
1. Мора на локалните фараони и силеџии да им дојде крајот. Општината мора да се врати на народот, оној чесен и искрен народ кој си ја сака општината. Слушам дека Бутел им припаѓал на некакви улични силеџии кои со нога во врата влегувале кај актуелниот градоначалник, дека тие биле главните кои носеле одлуки. Бутел бил нивни, јас ќе кажам општината е на народот. Дарко тука главниот мора да биде народот, а ти да бидеш нивниот прв слуга и само пред нив отчет да даваш и само за нив да се бориш. А бандитизмот многу брзо ќе заврши зошто доаѓа силата на законот.
2. Даре подади рака кон секого кој што сака да помогне за развојот на Бутел. На крајот ќе те паметат не по тоа колку врати си затворил, туку по тоа колку си отворил. Секој еден човек е важен. Мора да обединуваш, зошто имаш одговорност. Имаш поголема одговорност од било кој тука во Бутел.
3. Општината е составена од различни етникуми. Но сите тука ги обединуваат истите меки, истите проблеми. Различни сме по припадноста но заеднички ни се страдањата. Затоа да се грижиш за подеднаков развој. Било да се за Бутел 1, било да е за Бутел 2, Радишани или Скопје север.
4. Таквите локални фараоани кои ги споменав бргу ќе му откажат послушност на Велимир. И првото нешто што ќе го направат е да ти се доближат Дарко. Но тогаш ќе треба да знаат дека ти не си опцијата која ќе им ги спроведе интересите на пиштолџиите, затоа што единствено ќе спроведуваш интереси на народот.
5. Биди достапен 24/7. Градоначалничката работа е хумана, но и тешка. Треба да имаш разбирање за секоја една потреба, колку и таа да бара време. Затоа многу помалку во канцеларијата, а многу повеќе на терен.
6. Доаѓа крај на градоначалниците „комшии” со по еден стан од секоја ново изградена зграда. Дарко, не е грев човек да е богат, но е исклучително е сомнително за многумина кои влегоа во политиката многу сиромашни, а излегоа безобразно богати. Затоа од тебе барач чесно да работиш, и чесно да ги извршуваш работите.
7. Потребно е секоја градба да биде согласно закон, со онолку зелена површина колку законот тоа го дозволува. Енормната бетонизација го уништува градот. Мора да се почитуваат законите. На народот не му треба бетон туку пракови и зелени површини. Спротивстави се на урбаната мафија. Не се мафијаши оние кои целиот живот штедат за еден стан, туку оние кои прават цели згради и облакодери и го уништуваат зелениот простор.
8. Ветеното мора да го реализираш. Да се трудиш програмата да ја исполниш до последниот збор. Овие од власта пред изборите пред 4 години мафтаа со програма, денес никаде ги нема зошто сакаат да заборавите што ветувале, зошто ништо и не исполниле. Ти Дарко да реализираш тоа што си го ветил.
9. Ова не се избори за тоа кој поубави спотови или билборди ќе направи, туку тој кој ќе понуди реални решенија, колку повеќе улици и булевари ќе направи, колку проблеми ќе затвори. Дарко не се фокусирај како власта на гол пр туку суштинска работа. Нов ги има во последните 4 месеци, тебе нека те има меѓу народот 4 години.
10. И на крај не заборавај ова е битка на нашата генерација. Доаѓаат промените кои ќе го означат крајот на транзициската генерација која ја влече земјата назад. Ова се нови луѓе кои искрено ја сакаат својата родна земја, ја почитуваат нашата Македонија. Ново време за нови големи работи за секој еден човек.
Мицкоски додаде и дека на овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со прецизна и би рекол револуиционерно современа програма која ќе одговори на потребите на луѓето.
Власта оди со празни флоскули, ние ќе одиме со чашето достоинство, чист образ и сериозна програма.
Мора народот да стане од апатијата во која власта го доведе. Мора да кажеме дека ние сме единствената шанса за подобро. Не оние кои го крадат народот, не разно разните маргиналци кои имаат за задача да го ситнат отпорот и слабеат борбата против власта која причинува зло.
Ова се и избори за каква иднина сакаме. Тие досега удираа по народот, неговото достоинство, го удираа неговиот стандард, удираа со неправди и порази, време е народот да го врати ударот. Пресврт за иднина и Македонија каква сакаме да видиме. За општина која е на сите луѓе, за Македонија која е на сите луѓе. Оваа победа е за секој еден човек на нашата земја.
Да сте живи и здрави
Да живее Македонија, порача Мицкоски.