Да не се чека за пленарна седница до 18 август туку таа да се закаже утре, а ако власта нема дво-третинско мнозинство за уставните измени Парламентот да се распушти и да се оди на избори, повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. 

Тој е убеден дека власта ги нема потребните 80 гласа и е убеден дека сите 44 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата се единствени во ставот дека како што вели уставни измени под бугарски диктат нема да има, а тоа како што рече било потврдено вчера на координација. За тоа дали постои можност за „манипулација“ на пленарната седница во однос на техничките процедури, Мицкоски вели дека и за тоа имаат стратегија.

„Очекуваме европејците како што се нарекуваат себеси овие милионериве, бидејќи цело време тврдат дека имаат 80, веднаш да не ја развлекуваат седницата и да ја стават на дневен ред. Еве јас ги повикувам веднаш, ако заврши уставната комисија нема потреба да чекаме, уште утре нека закажат собраниска седница и да видиме дали имаат 80 или немаат. Ако не закажат, тогаш јасно е дека немаат. Ако немаат јас не гледам друга политика која оваа влада би ја оправдала во нејзиното постоење. Треба час поскоро да го распуштиме парламентот и да одиме на предвремени избори“, изјави Христијан Мицкоски – Претседател на ВМРО-ДПМНЕ