Прашан како ја коментира изјавата на новиот собраниски спикер Африм Гаши, кој во својата изјава вели дека неговата татковина е Косово, идниот мандатар и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска одговори дека ја нема слушнато изјавата, но рече дека од Гаши лично чул дека нивна заедничка татковина е Македонија. Сепак, како што рече Мицкоски, доколку имало таква изјава, тогаш Гаши треба да се извини.
„Мислам дека неговата татковина е Македонија и од она што сум го разговарал, сум слушнал лично од Гаши, дека наша заедничка татковина е нашата заедничка Македонија. Но, ако има таква изјава, тогаш треба да им се извини на граѓаните и тоа треба што побргу да го направи бидејќи од тука зема плата. И од страна на Македонците, Албанците, Турците, Бошњаците, Србите, Ромите, Власите е избран за претседател на Собранието“, потенцира Мицкоски.
Од него беше побаран одговор и за тоа дали ДУИ се понудила да биде дел од идната влада, на што идниот мандатар одговори дека не би сакал преговорите да бидат бројки, туку тоа да биде процес на квалитетни решенија и одлуки.
Рече дека ја следи опасната игра кај ДУИ и смета дека поединци сакаат да внесат етнички провокации во соживотот на Македонија.
„Ги гледам етноцентристичките изјави, кои доаѓаат од некои од официјалните лица на ДУИ. Можеби на тој начин сакаат да внесат етнички провокации во соживотот. Преговорите да бидат сведени на функции колку добиле Македонците, Албанците. Ја следам оваа опасна игра на поединци и ако така продолжат, многу бргу вистината ќе излезе на виделина“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.