Ме прашуваат што е најголемата придобивка од овие 365 дена локална самоуправа раководена од ВМРО-ДПМНЕ. Убави се новите градинки што се започнаа, новите паркови што ќе го раззеленуваат просторот, реконструираните училишта, спортските сали кои се во градба како и водоводите и канализациите кои решаваат проблеми. Но што е она што е вистински најважно: Тоа е дека е родена е искрата надеж, дека покажуваме промени. Долгите децении поделби, политички борби што го донесоа синдромот на самоуништување, губењето на светите работи придонесе да биде убиена надежта во изминатите години. Власта овие години брутално си поигруваше со судбината на многумина намерно и свесно за да се обесхрабри народот, за да завладее апатија, да се донесе незаинтересирност, за да се помине полесно. Ова денеска го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неговото воведно обраќање на првиот политички саем „Саем на промени што носат иднина“.

– И така многу често народот знае да каже си патиме од реченицата која не е само потврдна форма на ужасот кој го живее секој човек, туку и израз на најголема апатија и помиреност со таквиот ужас – „Е ТОА Е”. И кога инфлацијата растеше некои велеа „е тоа е, секаде е лошо“. И кога уставот го менуваа пред неколку години, изразот беше „е тоа е, мора така”. И кога беше предлогот за преговарачка рамка кога заедно со народот протестиравме и велевме се прави штета бидејќи бугарската кочница дозволуваме да биде мерило за преговори со ЕУ, некои велеa „е тоа е, мора така”. Кога го плашат народот и велат нема повисоки плати бидете задоволни со тие што ги имате, многумина ќе речат „е тоа е”. Јас велам доста е, од „тоа е“, истакна Миицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека е доста од порази што внесуваат несигурност и ја уништуваат самодовербата.

– И сево ова мора да го смениме. Тоа е потврдната карта на власта да продолжи со распродажба и да ја уништува нашата земја. Затоа што апатијата не смее да биде поголема од желбата да успееме, и затоа е потребна надежта која се роди во изминатава година. Она што мора да го објавиме е широк фронт, борба против апатијата која ја разорува земјата и од која не може да се видат јасно работите, поради кои многумина велат сите сте исти, кога не сме, кога многумина акцијата ја заменуваат со пасивизација и поради сè заедно, ние пополека ја губиме Македонија. Промените вродија со надеж дека може поинаку, може домаќински. Таа мала ронка надеж треба да стане потокот кој ќе се влее во поголема река на надеж за успеси и победи, за да на крај дојдеме до морето на среќа, надеж и иднина каква, оваа земја и сите нејзини граѓани ја заслужуваат. И затоа во оваа една година покажавме дека промените се реалност и дека тие треба да продолжат подлабоко и ќе бидат целосни само кога оваа влада, која донесе бол, апатија, криминал и очај, ќе падне. И ви ветувам дека тоа ќе се случи и за тоа се бориме секој ден, појасни Мицкоски.

Тој додаде дека Македонија има примери кои можат да се следат и поради кои вреди да се бориме.

– И таквите примери не ги гледаме во оние епски битки на илинденците или нивните наследници партизаните, ниту пак генерацијата која само пред 30 години ја донесе нашата независност и самостојна држава, туку таквите победи, иако мали и нечујни постојат насекаде околу нас и денес. Тивките и незнајни херои се борат со реалноста и победуваат, додека поединците се препуштаат на апатијата. Шеснаесетгодишниот Марко Пејчиновски, овој август, дете кое боледува од ретка болест, го преплива Охридското Езеро на релација Охрид – Струга – Свети Наум. Марко исплива 64 километри, за што му беа потребни 21 час, 41 минута и 48 секунди да го преплива Охридското Езеро. Неговото срце чукаше со желбата за таа победа. Само со рацете се бореше во водата, ама неговиот сон стана јаве, Марко победи и сум сигурен со такво лавовско срце и дух ќе продолжи да победува. Победи и затоа што веруваше. Младиот Ерџан од Скопје оваа година се запиша на престижниот универзитет Колумбија. Доби стипендија како резултат на својот труд, а неговиот успех е дотолку поголем бидејќи тој е радоста на родителите кои се со ниски примања, и двајцата со минимална плата, која едвај ги покрива сметките. Ерџан вложи 100 пати повеќе труд од сите останати, но успеа на крајот и сега го живее својот сон. Нели ова е мал пример за голема победа. Не се откажа поради лошиот систем, неправдите, апатијата. Тој веруваше во себе, се бореше за иднината и успеа. Успеа затоа што неговиот труд, неговата желба и сон беше поголема од реалноста која неправедно го влечеше како сидро надолу, посочи Мицкоски.

Тој порача дека треба и ние да веруваме.

– Победите се збирот на многу труд без откажувања, на триумф на правдата и истрајноста. А не заборавајте, нашата Македонија е посилна од сите удари кои ѝ ги нанесуваат и сите обезличувања кои ѝ ги приредуваат. За тесната клика на власт ова е борба за фотелја, за сите останати, за нас, ова е борба за нашиот дом. А од домот нема да се откажеме затоа што тоа е нашата чест, образ и достоинство. Затоа да победи надежта, да ја победиме апатијата, а надежта е можна доколку секоја единка биде активен чинител во процесите. Притисокот на власта ќе биде да не учествувате во политиката, тогаш вашиот одговор нека биде активно учество. Само така ќе ги менуваме работите. Не прифаќам, „е тоа е“, мора да има промени затоа што „е тоа е“, не е одговор ниту решение за проблемите. Затоа мора промени, надеж и верба дека може многу подобро, а сите заедно тие промени да ги донесеме. Тоа се нашите победи, дециден е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.