Почитувани сограѓани, изминативе 365 дена поминаа турбулентно, но ги исполнивме очекувањата на граѓаните. Покажавме дека сме поразлични во секој поглед и на секој начин, она што го ветивме го реализиравме, а она што сакавме да го постигнеме, го постигнавме. Стагнацијата на најурбаната и најголема скопска општина Аеродром веќе е минато. Сега чекориме забрзано напред повторно да испишуваме стандарди, изјави во своето обраќање градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски во кампањата „Промените на дело“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ.
Муцунски истакна дека се покажа дека можело поинаку, а сега се испишуваат нови стандарди во креирањето на новиот буџет и проекти за идната година каде се дава приоритет на граѓаните и нивните потреби во корелација со ветената програма.
– Преку отворениот повик за проектирање на буџетот исконтактиравме со стотици граѓани кои ги кажаа своите идеи. Во 2023 година ќе реализираме доградба и надградба на две основни училишта, „Блаже Конески“ и „Гоце Делчев“. Образованието е најважна алка во иднината на секоја општина, рече тој.
Муцунски посочи дека дополнително ќе се вложат над 30 милиони денари во улична инфраструктура и решавање на еден од поголемите проблеми изградба и обезбедување на нови паркинг места.
– Особено ми е драго што најдовме заеднички јазик со господинот Мартин кој долго време настојуваше да изградиме парк позади ТЦ Лиса. Се заблагодарувам и се обврзувам дека ќе го реализирам во 2023 година. Ветивме и реализираме, поставуваме стандарди и испишуваме заедничка историја ние и граѓаните. Општината е на граѓаните, тие ја водат, јас сум само нивни извршител и вработен кој го изгласале на избори од оваа канцеларија да работи за нив. Не сме сите исти. Некои работеа за себе, ние работиме за граѓаните, промените се случуваат. Заеднички за промени кои се реалност, истакна Муцунски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нагласи дека Општина Аеродром изминатава година инвестираше повеќе од 145 милиони денари во проекти кои се важни и крупни за граѓаните, општината и градоначалникот заедно со тимот издејствуваат реализација на сериозни проекти важни за граѓаните, а кои стагнираа.
Тој додаде дека заедничката тимска работа ги носи успесите на општината, ја гради иднината за која се бориме и затоа оваа година општина Аеродром ќе реализира рекордни повеќе од 460 милиони денари во капитални инвестиции кои ќе решат огромен број на проблеми на граѓаните.
– Особено сум задоволен што можам да најавам дека граѓаните на Општина Аеродром ќе добијат и две нови градинки во населбата Лисиче и позади кулите Џевахир, кои ќе го решат проблемот со листата за чекање на деца во градинките. Аеродромци ќе видат самите на дело како со чесна и напорна работа се решааат проблемите кои изгледаат нерешливи. Сложно и одговорно заедно со граѓаните градиме заедничка иднина, промените на дело, изјави Мицкоски.