Лидерот на најголемата опозицика партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска официјално ја поднесе граѓанската иницијатива со референдумското прашање „Дали сте за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија објавен во Сл. Весник на Република Македонија бр.12/2018 од 18.01.2018година?“.

– Нормално доколку референдумот се случи тогаш граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат со ЗА, подразбира дека на тој начин престанува да важи овој договор со Република Бугарија, или ПРОТИВ односно останува да важи овој договор со Република Бугарија. Ја користам оваа прилика да ги повикам сите политички партии, да ги повикам граѓаните без разлика на нивната етничка припадност, без разлика на тоа дали поддржуваат една или друга политичка опција или се партиски неопределени, ја користам оваа прилика да ги повикам сите општествени чинители, невладини организации, буквално сите поединци да се обединат на едно општествено семакедонско обединување и да застанат против тоа кое што претставува главен проблем на нашата европска интеграција, а тоа е договорот кој што го има потпишано Република Македонија со Република Бугарија, изјави Мицкоски за медиумите веднаш по поднесувањето на иницијативата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повика кога ќе се случи овој Референдум да излезат масовно и да гласаат ЗА престанок на важноста на законот со кој што овој договор е ратификуван во рамките на парламентот.