Сакам најголемиот аларм да го испратам до луѓето во Пробиштип, до луѓето во Македонија, излезете на избори за да не дозволиме да ни ја украдат иднината. Излезете рано наутро што е можно помасовно, што е можно во поголем број. Не постои власт која може да победи со поткупени гласови, колку што може народ да излезе и да ги казни тие што ја одземаат заедничката иднина“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Пробиштип.

Мицкоски додаде дека луѓето од власта не се посилни од народот. Сега е моментот кога се одлучува за иднината. Или народот, или бандитите на власт.

„Излезете масовно, стари и млади, земјоделци, вработени и невработени, професори, наставници, доктори, пензионери, студенти гласајте во недела. Уште утрината. Гласајте за да не биде предоцна, Гласајте за да создадеме заеднички нова иднина“, рече Мицкоски.

Мицкоски вети дека ќе го врати достоинството и насмевките во општина Пробиштип и Македонија. И дека по четири години кога ќе дојде тука во Пробиштип, ќе дојде со гордо крената глава и ќе говорат за новата иднина која ќе ја донесат.

„Ние мораме да воочиме дека ниту едно оружје на светот, не е толку за застрашувачко како волјата и моралната храброст на слободните индивидуи кои сами одлучуваат, на луѓето кои се хероите на нашето време поради кој мораме заеднички да го менуваме системот“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски посочи дека хероите се луѓето од секојдневието, комшии, пријатели, познаници, работниците.

„Херои се луѓето кои не ги познаваме, но имаат срце за оваа земја и нивната надеж која нема да ја разочараме. Хероите се младите луѓе кои се борат и сонуваат за Европа која досега за жал не им ја овозможивме, земјоделците кои што бараат достоинствено да им се плати трудот, докторите кои бараат достоинствени услови, наставниците и професорите кои бараат повисоки плати. Ние ќе се жртвуваме за нив, ние нема да се предадеме, ниту сега, ниту некогаш во иднина“, истакна Мицкоски.