Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешната посета на Општина Гази Баба при отворањето на Дневен центар за лица со попреченост во рамки на акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените!“ беше запрашан за како го коментира тоа дека Македонија добила релативно неповолен извештај од Светска банка. Мицкоски истакна дека тоа според него е очекувано и се оди во насока на бездна и амбис.
„Тоа е очекувано, бидејќи ние тоа го говориме подолго време, навистина се движиме кон бездна, кон амбис, потрошија повеќе од 20 милијарди евра реално во овие 6 години како власт ништо не испорачаа, напротив последни сме според економскиот раст, први сме во регионот, први сме според инфлацијата, буџетскиот дефицит, практично катастрофа на економски план“, изјави Мицкоски.
Тој е дециден дека меѓународната заедница крева раце од власта бидејќи не се компетентни да спроведат и испорачаат нешто.
„Ако забележите јасно веќе сите меѓународни институции дури и меѓународниот фактор, народот одамна крена раце од Владата на СДСМ и ДУИ, сега веќе и меѓународната заедница крева раце бидејќи гледа дека се континуирано луѓе кои се политички импровизатори и не се за жал компетентни да спроведат и испорачаат освен тоа да нормално си договорат некој тендер во 4 очи, некоја провизија повеќе итн. За тоа можеби се способни за сопствените џебови, но суштината е таква дека ние сме убедливо заковани на дното и затоа се потребни промени и затоа е потребно оваа Влада на СДСМ и ДУИ да замине, да дојдат луѓе кои имаат плат и знаат како и Македонија да се врати онаму каде и е местото а тоа е економски развиена европска држава“, потенцираше Мицкоски.