Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вети дека додека е тој претседател на партијата нема да има промена на уставот за да бидат бугарските барања дел од него, на денешниот протест пред владата.

-Да бидам јасен, 80 пратеника, две третини менуваат устав. Тоа зависи од ВМРО-ДПМНЕ и додека јас сум претседател нема да се смени уставот за да бидат бугарските барања дел од него, кажа Мицкоски.

Претходно, тој го повика премиерот Димитар Ковачевски да го одбие францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции. Според предлогот, пристапните преговори на ЕУ со Македонија нема да почнат додека не бидат внесени Бугарите во македонскиот устав.

За барањето за предвремени избори, Мицкоски кажа дека доколку нема договор за предвремени избори летово, ВМРО-ДПМНЕ ќе премине во фаза на целосна блокада на парламентот, но и блокада на институциите, патиштата, процедурите и системот, како и протести низ градовите.