Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Република истакна дека кандидатот за претседател на државата ќе се бира на конвенција на демократски начин, а истиот по профил мора да биде личност со интегритет и лојален на народот.
– Кандидатот за претседател на Македонија на ВМРО-ДПМНЕ треба да биде човек со интегритет и патриот кој си ја љуби својата татковина, човек кој ќе обидува, а не разединува, ќе се грижи за интересите на Македонија, за идентитетот на македонскиот народ чија што единствена матична држава е Македонија, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека кандидатот мора да биде личност која ќе биде посветена, работлива, чесна и личност која според мене на следните избори ќе добие акламативна поддршка од сите гласачи кои се условно кажано антивладини гласачи.
– Тоа е би рекол е еден профил на кандидат ВМРО-ДПМНЕ ќе извади. Анализираме, бројката беше поголема, сега станува збор за 5-6 кандидати кои ги анализираме и генерално после овие анализи ќе имаме јасна слика каков е капацитетот и што може да очекуваме на избори, рече тој.
Мицкоски додаде дека согласно статутот на партијата ќе има оглас кој ќе ги дефинира правилата на учество на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, каде делегатите на таа конвенција да одлучат.
– Тоа што го мериме е одвоен процес од ова согласно статут. Не може да ги спречите тие кои сакаат да се кандитираат, но со мерењето ќе имаме јасна претстава каков е потенцијалот на луѓето. Ќе имаме отприлика јасна слика и ВМРО-ДПМНЕ ќе го избере следниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.