Премиерот ќе се запознае со случајот по забраната за влез во Бугарија до 2036 година
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе стапи во контакт со адвокатот Тони Менкиновски за подетално да се информира за случајот во кој му е изречена забрана за влез во Бугарија до 2036 година. Тој посочи дека државата ќе ги искористи сите расположиви средства и механизми за заштита на секој македонски граѓанин.
„Денеска ќе го побарам адвокатот Менкиновски, бидејќи имаме комуникација. Би сакал детално да се запознаам со случајот. Како држава ќе ги искористиме сите алатки кои ни стојат на располагање за да го заштитиме секој еден македонски граѓанин“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
Менкиновски вчера соопшти дека му е изречена забрана за влез во Бугарија до 2036 година. Во официјалниот документ што го добил било наведено дека наводно претставува закана за националната безбедност на земјата.
Мерката е поврзана со мојата работа пред Европскиот суд за човекови права
На прес-конференција адвокатот изрази сомневање дека ваквата одлука е поврзана со неговата работа како застапник на Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Тој истакна дека обвинението е сериозно, но дека било донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка. Забраната, како што посочи, му била врачена на 6 март на влез во Бугарија.
Менкиновски оцени дека оваа одлука претставува срам за Бугарија, но и за Европската Унија. Според него, со вакви мерки се врши заплашување на адвокатите и директно мешање во независноста на адвокатската професија.
Тој нагласи дека наместо да се спроведуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права, се преземаат мерки кои можат да се толкуваат како притисок врз адвокат.
Адвокатот најави дека ќе ги искористи сите правни и институционални механизми за да ја оспори одлуката. Случајот ќе биде доставен до Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Европскиот парламент, ОБСЕ и Обединетите нации, како и до меѓународни организации што ја следат состојбата со човековите права и независноста на адвокатската професија.
Ако е точно, тоа е срам за демократијата
Став за оваа информација новинарите побараа од премиерот и вчера.
„Доколку е точно тоа е уште еден срам за демократијата кај нашиот источен сосед. Но, тоа е поголем срам за сите оние кои не веруваат во вистинските намери на политичарите од нашиот источен сосед. Јас навистина би се чувствувал засрамено да бев човек кој седи на иста маса и треба да споделува исти вредности со политичарите на нашиот источен сосед. Тука, пред се мислам на земјите-членки на Европската Унија, кои мислам дека треба да реагираат, доколку се потврди дека ова е точно“, рече Мицкоски вчера, одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“.
