Имаме премиер кој е уценет, имаме премиер кој ДУИ го држи во заложништво, а токму тие се вистинските газди во Владата, газди на криминалот и господари на туѓите судбини, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Затоа ви велам дека ќе направам сè, буквално сè во рамките на законот и уставот, ДУИ да оди во опозиција, и подготвен сум, во име на таа цел, да направам пакт за национално и државно единство со сите некриминализирани сегменти во државата од било која провенинција, само за после 20 години власт ДУИ да оди во опозиција. Ова не го зборувам затоа што на овој начин сакам да го градам рејтингот свој и на ВМРО-ДПМНЕ, како што тие луѓе од раководството на ДУИ јавно го зборуваат. Ова го зборувам затоа што верувам во тоа, кога ќе заминат во опозиција ќе и се раздени на Македонија. Ова е пакт за национално и државно единство со некриминилизираните сегменти од општеството, а криминалците од сегашната Влада ќе одговараат пред лицето на правдата. Таквиот пакт ќе биде и добар одговор да ги здружиме силите и да се избориме низ силните предизвици кои надоаѓаат и да се бориме за фер шанса за која ви говорам, порача Мицкоски.
Вели дека само така ќе одиме напред и само така ќе градиме иднина.
-Треба да се препознае овој историски момент за понудена рака за обединување на македонското ткиво и за заедништво на македонскиот блок кој постојано губи овие 32 години и се откажува од својот супстрат загрозувајќи ја својата егзистенција. Говорам и за обединување на сите граѓани од сите вери и заедници застанувајќи зад определбата да изградиме нова и заедничка иднина. А зошто го правиме ова? Меѓу другото и поради долгот кон предците и јунаците на нашата држава. И поради хероите пред чие вечно почивалиште и спомен стоиме во оваа спомен костурница. А тие се само една капка од морето на херои кои ја платиле цената за нашата слобода, посебност, култура и постоење како народ и држава. Секое нивно дело говори за споменот врз кој е создавана Македонија. И затоа ние како генерација која започнува да ја носи на свои плеќи оваа судбоносна борба за градење на иднина каква заслужува секој еден човек во нашата татковина, и борба која подразбира промена на нашето однесување и исправање на се што е погрешно овие 32 години независност со надеж да го вратиме ентузијазмот и мотивот кај луѓето на Македонија, ќе работам, ќе се жртвувам, ќе се борам искрено, и секој еден треба да знае дека ќе го дадам својот макисмум, последниот атом од силите да изградиме нова подобра иднина за сите луѓе во Македонија, да го вратиме мотивот за создавање на вредности, да ја градиме нашата држава, чесно, искрено, посветено. Да не го разочараме народот кој е во апатија, да покажеме дека има многу повеќе шанси зад темниот хоризонт кој мора заедно да го менуваме, порача Мицкоски.