Честа е голема и со особено задоволство се обраќам на оваа нова годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. И ова го правам со чувство на почит и голема емоција бидејќи повеќето од нас потекнуваат токму од оваа Унија. Тоа се првите наши чекори, првите допири со политиката, првата шанса да се учествува во процесите за менување на реалноста, првите обиди да го дадете вашиот влог кон татковината, првото вистинско запознавање на организацијата во која постои духот на столетната борба за Македонија. Со задоволство се раскажуваат битките за идеите, големата пожртвуваност и преданост кон делото кое кратко се опишува со буквите кои се посебен код за Македонецот и ги изговараме со особена почит и емоција – ВМРО.
Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната 31-ва годишна конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Енергија, надеж, иднина“.
-И ВМРО тогаш и ВМРО-ДПМНЕ денес не би било толку силно, ако го нема потенцијалот, силата на прогресот, идеите срочени во младите. И кога зборувам за Унијата на млади сили не мислам само на младите луѓе како индивидуи подготвени да разменуваат идеи и да реализираат свои креации и замисли, туку и како луѓето кои се идниот столб на партијата во чија најдлабока суштина е развојот на Македонија, иднината на нашата татковина, нашите животи, нашите семејства. И во таа смисла УМС е и ЕНЕРГИЈА, УМС е и НАДЕЖ, и УМС мора да биде сигурна ИДНИНА. Иднина за која ќе се избориме и иднина што ќе ја заслужиме. И немојте да живеете со помислата дека постои нешто како незаслужена победа. Таа мора да дојде со многу труд, со многу посветеност и низ еден процес за постојани битки и докажувања, на константен натпревар и вложување. Ќе бидете успешни само доколку бидете свои, ќе бидете носители на развојот само доколку влезете со целото срце и енергија за да го постигнете успехот што го посакувате. Нам не ни требаат луѓе што ќе климаат со главите и ќе го потврдуваат мислењето на соговорникот, туку кои ќе покажат пркос и аргументи, не дебата на голи фрази, туку решителност поткрепена на знаење и идеи. Таквото УМС утре може да ја движи Македонија, рече тој.
На младите им порача дека секогаш ќе ја имаат неговата поддршка.
-И на тој план и за таа цел ја имате мојата поддршка, мојата рака дека тука сум со вас за секој сон кој треба да стане реалност, заедно да го изградиме, и вие да го живеете, затоа што вашето време допрва доаѓа. Сосема е извесно дека работите се прекршени и дека одговорноста за државата ќе припадне на ВМРО-ДПМНЕ и оваа нова генерација која мора да биде подобра од сите претходни во Македонија за да истата таа биде успешна, рече тој.
Мицкоски истакна дека како што им ветил на младите дека ќе победат на локалните избори, така најавува победа и на парламентарните.
-Не е прашањето дали ќе падне оваа власт, туку кога ќе бидат изборите да се смени. И затоа тоа преземање на одговорност мора да биде одлучно и веднаш да се покажат резултати. Во средиштето на тие промени за подобра иднина се младите и вашата шанса доаѓа. Затоа што доста во оваа држава се зборува за младите, без да им се даде шанса, доста се прават планови за вас – без вас. И затоа е важно младите што помасовно да се вклучат во оваа политичка битка и лично да ги менуваат работите. Не преку други, не да се чека други да се изборат, туку вие со име и со чест да влезете и да се борите за работите што сакате да ги смените. Само така вашиот глас ќе биде погласен, само така промените ќе бидат посилни и само така ќе се избориме за иднината на Македонија. Да се биде млад не е само привилегија, туку и одговорност, неповторлива шанса која мора да ја зграпчите и да ја искористите. Дваесетина години од сега да им кажете на вашите поколенија – да, јас бев дел од генерацијата што ги донесе промените и ја заслужи победата. Само така ќе бидете сопственици на своите победи, заедничкиот успех и носители на времето за кое се борите, рече Мицкоски.