Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христјан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа, вели дека францускиот предлог за Македонија не значи почеток на преговорите на Република Македонија, додавајќи дека по прифаќање на истиот следуваат и други исполнувања од страна на државата во однос на бугарските барања.
-Оваа преговарачка рамка која нас ни се нуди и која што е дел од овој предлог, не е почеток на преговорите и тоа треба да им е јасно на граѓаните. Ова е почеток на преговорите за Албанија, која што нема вакви хегемонистички и идентитетски услови кои што треба да ги исполни, туку веднаш седнува, се усвојува рамката и почнува да отвора поглавја. Ние не можеме да отвораме поглавја со овој предлог бидејќи треба дополнителни услови да исполниме, додаде Мицкоски.
Според Мицкоски, францускиот предлог е прифатен од владата на СДСМ и Димитар Ковачевски и токму затоа истиот не го отфрла, укажувајќи дека Ковачевски не е свесен за сериозноста и штетата која ја нанесува на Македонија.
-И сега во целиот тој притисок, во друштво со 27 европски лидери плус членови на комисија и сите останати. Зар вие очекувате да рече не, и да го одбие, праша Мицкоски.
-Тие кои што патуваат со него, министерот за надворешни работи му вика не се секирај, нема да падне владата, ние сме со тебе. И он си вели, да ќе бидам уште година, или година и половина премиер, па макар и да ја уништам Македонија и македонскиот идентитет. Па, он вели потоа ќе бидам најмалку пратеник, така зборува по новинари. Значи станува збор за личност која што не е свесна за сериозноста на ова што се случува, рече Мицкоски.