Лидерот на партијата Христијан Мицкоски, барајќи ја довербата од преспани и својот глас да го дадат за кандидатот со број 7, Јован Тозиевски вети дека со тимот што ВМРО – ДПМНЕ го создава изминатите четири години ќе се бори за вистинска и добра иднина за сите.

– Нам ни треба иднина. Наша заедничка иднина. Јас незнам што ќе се случи и што носи таа иднина. Само ветувам дека со тимот кој го создаваме полека овие четири години ќе се бориме да донесеме вистинска иднина. И знам кој ќе ја гради таа иднина и кој ќе ја создава. Тоа е победничкиот тим на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата која ќе ја предводи, порача Мицкоски.

Локалните избори, нагласи, се можност за промена и, според него, можност за подобро утре.

Во обраќањето Мицкоски се осврна на вчерашната прозивка на лидерот на СДСМ Зоран Заев, одговарајќи му дека, како што рече, никогаш нема да има предавнички и квинслиншки став за важните македонски прашања како него. Тој ја спомена лидерската средба, на која, како што нагласи, лидерот на владејачката СДСМ, ги убедувал за промена на името

– Кога беше таа лидерска средба, кога не убедуваше дека треба да се понижиме, дека треба да се погазиме како народ, како граѓани, како луѓе и да го промениме тоа што ни го оставиле нашите предци, кои што тоа пак, со крв го платиле. И тогаш го гледав во очи, и му реков, свесен ли си што правиш? Сега можеби сите они кои што ти доаѓаат, те потапнуваат по рамото и ти изразуваат поддршка, во еден момент ќе ги снема. Јас сум свесен дека ние сите заедно, против целиот тој свет собран околу тебе не можеме толку силно да се спротивставиме и ти тоа ќе го направиш. Ме погледна во очи, збунет, и одговори: Да свесен сум! Е па јас, таков став никогаш нема да поддржам, рече Мицковски.

Тој говореше и за актуелната состојба со пандемијата од Ковид – 19, функционирањето на здравствениот систем, криминалот и корупоцијата во земјата, нагласувајќи дека со СДСМ нема иднина. Не изостави да ја спомене состојбата со откупот на јаболката, а се осврна и на програмите на кандидатите за градоначалник од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, кои содржеле над 14 835 проекти од различни области.