„Подготвен сум да разговарам за се, подготвен сум да разговарам и за бришење на процентите, подготвен сум да разговарам и очекувам поддршка и од останатите политички партии за една изборна единица. Подготвен сум и да разговарам за бришење на Бадинтерот, бришење на балансерот бидејќи гледам дека одредени политички субјекти сакаат постепено да го напуштат Охридскиот рамковен договор. Тогаш ајде заеднички да создадеме општество кое што ќе го проектираме од денеска па за следните 50 години“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при одговарање на новинарско прашање при денешната посета на општина Кавадарци.
Мицкоски додаде дека познава многу луѓе кои што не сакаат и се чувствуваат навредени што се дел од некаква квота, што се дел од некакви проценти.
-Македонија ја замислувам како држава во која што ќе се напредува според компетенции, според квалитет и според знаење, а не затоа што се дел од некаков процент или некакви квоти. Затоа овие четири теми мислам дека оној период кој што беа актуелни и беа гласани и донесени некако како да го надраснаа. Сите денеска сме поискусни затоа ајде да разговараме за бришење и на балансерот и на Бадинтерот и да разговараме за бришење на процентите, да разговараме за една изборна единица подеднакво секаде да биде вреднуван гласот на гласачот, а не во изборна единица тој да биде 5-5.500, а во друга изборна единица да биде 8-8.500. ајде сите да разговараме за овие теми. Се надевам дека и останатите политички партии ја гледаат на овој начин Македонија во следните 50 години, Македонија држава за сите граѓани подеднакво каде што ќе напредуваме според нашите компетенции, според нашите вештини и според нашето знаење. А, не за тоа што сме дел од некакви квоти или некакви проценти, рече Мицкоски.