Марија Габриел им ја плесна вистината во очи, тоа е вистината што јас и ВМРО-ДПМНЕ ја зборуваме една и пол година. На јавна сцена се виде дека Маричиќ, Зечевиќ, Ковачевски, Ахмети, Османи и Груби го лажат народот во Македонија дека ова е последната пречка, не е последната, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при посетата на Свети Николе одговарајќи на новинарско прашање во однос на изјавата на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Марија Габриел, дека уставните измени не се единствен услов.
Мицкоски посочи дека ова е само почеток на проблемите што следуваат затоа што без општествена поддршка и без консултации со опозицијата потпишаа договор со цел да го завршат својот проект две години власт.
„Едниот да биде премиер, другиот генерален секретар, а другите да станат милионери на грбот на македонските граѓани, тоа беше проектот. Сега сите ние имаме проблем, кој, за жал, повторно ќе треба ВМРО-ДПМНЕ да го решава, но и граѓаните во Македонија во периодот што следува. За ова зборувавме повеќе од една и пол година, за ова предупредувавме и, за жал, со ова што го направија, направија огромен проблем за сите нас“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ е спремна откога ќе ја формира новата влада, да разговара за нешто што претставува достоинствено решение и достоинствено сценарио.
„Од друга страна, видовме дека правилото на едногласие во рамките на ЕУ се замени со правило на празен стол или правило на недостаток на еден член. Очекувам дека и ЕУ, но лидерите, доколку навистина сакаат Македонија да ја видат во ЕУ и да престане оваа голгота што трае повеќе од две децении, каде што Македонија, македонскиот идентитет и народ се предизвикани од страна на некои неразумни соседи со нивните политики, ќе ве потсетам – сѐ тоа почна со ветото што го добивме поради спорот за името, а потоа идентитетските проблеми со нашиот источен сосед, видовме дека можело да се носат одлуки доколку имаме разумни лидери во рамките на ЕУ. Очекувам разум и дека набргу ќе биде отстрането ова вето и дека Македонија ќе ги почне преговорите, она што ѝ припаѓа многу одамна“, изјави Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека имаме многу внатрешни проблеми, но што се однесува до оние отстапки што се направија, сите заедно членки на ЕУ ги немаат направено.