„Секогаш кога ќе зборувам пред млади луѓе се обидувам да излезам од чевлите на политичарот и да влезам во оние другите чевли, а тоа е професорот, педагогот“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски на денешната панел дискусија организирана од УМС на ВМРО-ДПМНЕ, а насловена како „32 години на страната на младите“.
Мицкоски додаде дека генерално Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ на почетоците од самостојна Македонија имаше значајна улога и беше предводник на идејата за македонска фудбалска репрезентација, за македонски банкноти, македонска полиција, македонска војска, генерално македонска држава.
„Ние сме и политичка партија, и народ, и држава која што има богами богато минато и треба тоа да го негуваме и да го прераскажуваме. И кога ќе го зборуваме, не треба некој да не убедува дека тоа минато практично е минато и дека ние не треба да се враќаме назад. Тоа не е точно. Мора да имаме основно познавање, кои сме, што сме, за да знаеме што сакаме да бидеме. Ако не знаеме кои сме, и што сме, ние нема да бидеме тоа што сакаме да бидеме. Затоа ќе се вратам на тие рани 90-ти години кога оваа држава се формираше, имаше голема надеж кај младите луѓе, меѓу нив бев јас тогаш додуша се уште не бев ни тинејџер но некако сонувавме за таа македонска држава, зборувавме за Македонија како независна држава, верувавме дека тоа е она кое што се остварува во тој период. Тоа е оној вековен стремеж, тоа е оној сон кој што имале генерациите претходно“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека во тој период луѓето беа полни со надеж.
„Јас се сеќавам таа 94-та година имав 16 години и за првпат се вклучив во политичкиот живот на ВМРО-ДПМНЕ тогаш како активист“, укажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Зачекоривме кон таа симпатија наречена ВМРО-ДПМНЕ и тоа некако како да се зголемуваше и да се зголемуваше, и таа љубов како да стануваше се поголема веќе не беше ни симпатија. Па активизмот беше се поголем и поголем“, појасни Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека патот на Македонија низ историјата од осамостојувањето не бил лесен, но ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се откажуваше од љубовта кон ЕУ и европското семејство.
„Вреди да се бориме, а тоа е да Македонија биде држава која што и покрај сето она кое што ни го приредија изминативе 30 години за жал определени корумпирани политички елити, треба тоа да го победиме, поразиме и да го најдеме нашето место онаму каде што ни е и каде што припаѓаме, а тоа е во рамките на европското семејство. Нема да биде лесно, но не треба да се откажуваме. Треба да продолжиме да се бориме затоа што во тоа веруваме“, порача Мицкоски.
Тој укажа дека досегашните поедини политички корумпирани елити одеа по заобиколниот пат. Затоа што тоа беа луѓе кои што се медиокритети просечни или потпросечни и мислеа дека ако некој им прогледа низ прсти за корупцијата и криминалот кој што го прават доволен ќе биде еден потпис со кој што ќе се начне македонскиот идентитет за да сето тоа им се заборави.
„Ако сме најдобри во реформите, ако сме најдобри во образованието, ако сме најдобри во здравството, ако сме најдобри во економијата, а можеме да бидеме, ако сме држава со најниска стапка на криминал и корупција, ако владее правото, ако секој добие фер шанса и можност тогаш никој нема да ни го спори правото на самоименување, самоидентификување. И никој нема да ни го спори правото за нашата перспектива во рамките на ЕУ“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека на младите луѓе мора да им се даде шанса. И потсети на проектите кои што ВМРО-ДПМНЕ ги имаше за младите луѓе. Еден од таквите проекти беше дом за млади брачни парови и многу млади брачни парови го искористија овој проект.
„500 најдобро дипломирани студенти ќе им биде понудено работа во државните институции. Еве тоа јас еве јавно го кажувам и се обврзуваме на тоа. Тоа ќе биде за младите од сите универзитети“, вети Мицкоски.