На народот му се потребни резултати веднаш, во моментот што го живееме, а не некакви ветувања од кои оваа генерација нема ништо корисно да ползува… И ако го бараме одговорот на прашањето, зошто за 30 години не постигнавме толку многу колку што сакавме како народ и држава, тоа е само затоа што во нашата Македонија не се ослободи енергијата на индивидуалната интелигенција на човекот во размер поголем од стегите наметнувани од политичарите кои го гушат потенцијалот на нашата нација, со сопствениот егоизам за пари и моќ. Во овој момент слободата и интегритетот на индивидуалецот, и иднината во која веруваме и за која се бориме мора да ги направиме подостапни тука, од било кое друго место на планетата. Цената за таа иднина, и за таа слобода на моменти во историјата била висока, но ние никогаш не сме се противеле да ја платиме таа цена, затоа што се работело за нашето постоење и за работите кои ни биле суштествено важни и нè дефинирале како луѓе на ова парче земја, рече вечерва Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за време на централниот митинг во Скопје.
Тој зборуваше за современите херои пред чија битка треба да се поклониме.
-И тие од власта коишто велат дека живееме во време кога нема херои, кога сакаат да нè направат рамнодушни на сè, да ги убијат нашите емоции, идентитетски специфичности, тие само не знаат каде да погледнат. Затоа што нашите херои не се само живите паметници и ридовите на Мечкин Камен, или гробовите на Делчев и Карев, или гранитниот споменик на ослободителите на Скопје, или жртвата на Корчагин. Тие се само еден дел од цената која била платена за нашата слобода. Јас во оваа кампања запознав многу современи херои кои ја водат и нашата битка од која треба да земеме пример и пред чие дело јас како човек се поклонувам. Во скопски Бутел го запознав Мухамед. Неговиот роднина жив изгоре во Тетовската модуларна болница. Мухамед ми вели одбивам да верувам дека главниот виновник за смртта на мојот чичко е само струен кабел, но немам ниту бес во мене, ниту барам одмазда за Филипче, или кон кој било друг бирократ поради чие отсуство на одговорност повеќе го нема мојот чичко. Нивната оставка нема да ми го врати неговиот живот, но првенствено што ми е важно е да се знае вистината, не за да има некаква политичка жртва, туку за да не се повтори истото на нечиј друг чичко, татко или роднина. И Мухамед не бара многу од државата, парче достоинство за него и за неговото семејство, тој ја сака вистината и неговото барање значи да спаси други животи во иднина, истакна тој.
Мицкоски посочи дека вториот херој е малиот Бојан, кој живее во подножјето на Скопска Црна Гора.
-Откако го сретнав на митингот во Гази Баба секогаш кога ќе погледнам низ прозорецот кога врне дожд помислувам на неговата судбина. Секој ден Бојан патува по 2 километра до неговото училиште. Пешки со ранчето на грбот. Претежно по каллив пат, неасфалтиран, а многу често вели кога ќе дојде зима, светлото е реткост по бандерите. Бојан живее на само 7 километри воздушна линија од оваа моја говорница, во центарот на градот. Тука до ова плато блиску е Владата, подолу на Водно е владината резиденција каде престојува премиерот. Таму има светло, асфалтирани булевари, внатре персиски килими, затоплување. Кај Бојан, на само 7 километри од тука нема ништо од ова. Нема асфалт, нема светло. Не знам дали има и канализација или водовод. Ама кај Бојан има надеж и челична волја да успее. И Бојан победува секој ден, и го носи нашиот товар како општество кое не успеваме да овозможиме еднакви услови за развој. Затоа Бојан е мојот херој, херојот поради кој вреди сево ова. Поради кој имаме обврска да успееме, да победиме и да донесеме иднина и за него, и за сите млади луѓе кои заслужуваат надеж, шанса и среќа, раскажа Мицкоски.
Тој изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи за да им се оддолжи на хероите на новото време.
-Ние мора да воочиме дека ниту едно оружје на светот, не е толку за застрашувачко како волјата и моралната храброст на слободните индивидуи, на луѓето кои се хероите на нашето време поради кој мораме да го менуваме системот. Хероите се луѓето од секојдневието, нашите комшии, пријатели, познаници, луѓето кои не ги познаваме, но имаат срце за оваа земја и нивната надеж која нема да ја разочараме. Ние ќе се жртвуваме за нив, ние нема да се предадеме, ниту сега, ниту некогаш во иднина. На таквите луѓе им ја должиме ЕУ, му ја должиме и на Мухамед, и на Бојан, безусловно. И тоа мораме да го направиме брзо, и ќе го направиме. Тие луѓе се нашите херои, поради таквите луѓе влегов во високата политика, и поради нив ќе се борам, и поради нив заедно со вас ќе победиме…! Ќе победиме за да им се оддолжиме на хероите на новото време, тоа се луѓето на нашата Македонија! – рече Мицкоски.