Како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски на средбите истакна дека не постои друга вистинска алтернатива за Македонија освен членство на државата во ЕУ.
-Државата не смее да биде повеќе заложник на злоупотребите кои што ги прави актуелната влада на европските перспективи и името на Европската унија во насока на оправдување на сите погрешни одлуки. Македонија и македонските граѓани заслужуваат да бидат достоинствен член на ЕУ. Свесни сме дека криминалот и корупцијата и отсуството на суштински реформи од страна на оваа власт создаваат лош впечаток за земјата кај нашите европски партнери, но токму капацитетот на Македонија и потенцијалот кој го имаме како народ се гарант дека можеме преку внатрешни промени во услови на отпочнување на преговорите да ги достигнеме европските вредности и стандарди, посочил Мицкоски.
Според него, ова не е вистинската слика за земјава и затоа на европските пријатели им објаснил, како што вели, дека неуспесите ќе се надминат многу скоро и нацијата ќе ги забрза европските реформи.
-Затоа ни е потребна шанса преку отпочнувањето на преговорите тоа да го покажеме, истакна на средбите Мицкоски, стои во соопштението од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.