Овој инфраструктурен проект претставува и е симбол на нашата визија за модерна и поврзана Македонија, истакна во денешното свое обраќање на свеченото пуштање во употреба на експресниот пат Крива Паланка – Длабочица – Страцин, претседателот на владата на Република Македонија Христијан Мицкоски.
Со особена чест и задоволство денеска сме тука за да ја одбележиме оваа значајна пресвртница, свечено отварање на експресниот пат Крива Паланка – Длабочица – Страцин. Овој инфраструктурен проект, долг 25,5 километри претставува не само несомнен градежен успех туку и симбол на нашата визија за модерна и поврзана Македонија, рече во своето обраќање премиерот Мицкоски.
Ова е резултат на макотрпна работа и силна посветеност, посочи Мицкоски.
-Проектот што денеска го пуштаме во употреба е резултат на макотрпна работа, на силна посветеност и на силна соработка со нашите партнери од Светската банка, кои дадоа огромна поддршка за негова реализација, посочи премиерот.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека овој пат не е ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, туку на граѓаните.
– Имаше и такви кои денес направија политичка промоција и наместо да им се извинат на граѓаните дека не успеале во изминатите шест години да направат нешто, денес истрчаат да соберат политички поени. Сакам да порачам дека ова е пат на граѓаните, ова не е пат ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ. Кредитот ќе биде враќан од парите на граѓаните и затоа никој не смее да го присвојува, рече Мицкоски.
Со пуштањето на експресниот пат од Страцин до Крива Паланка, патувањето од 30 минути се крати на 10 минути, а од Крива Паланка до Куманово наместо еден час ќе се патува за 40 минути.
Патот, којшто официјално е пуштен денеска, е во должина од 25,5 километри и е дел од Коридорот 8. Вкупната инвестиција е 93,7 милиони евра од кои 80,20 милиони евра се средства од Светска Банка, а останатите се грант средства во висина од 13,50 милиони евра.
На експресниот пат има изградено три клучки, три моста, 13 вијадукти и 44 косини. Изградбата е почната во мај 2018 година, а интензивно се работеше во последните шест месеци.