Денес имам средба со новоизбраните градоначалниците кои ја добија довербата да раководат со општините на локалните избори кои завршија точно пред една недела и кога тоа процентуално би се изразило станува збор за повеќе од 70 проценти од општините во Македонија, имајќи ги предвид населението и граѓаните кои што живеат во тие општини. Независно од политичките случувања поврзани со централната власт, оставката или не оставката на Зоран Заев, падот на актуелната влада, сметам дека е многу значајно по ниту една цена да не се занемари она што беше ветено на граѓаните во изминатиот период на локалните избори, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Се што ветивме треба да се исполни, да се засукаат ракавите што побрзо за да се започне со решавање на проблемите на граѓаните од сите населени места, општини каде што ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија има градоначалник, а таму каде што сме коалиција да работиме со градоначалниците од коалицијата. Без оглед на тоа што огромен број на општините се презадолжени, повторувам презадолжени во голем дел од нив првичните информации велат и сведочат за злоупотреби на ресурсите, луѓе кои што земале плата, а не оделе на работа, потребен е максимален ангажман од секој еден градоначалник за да се реализира ветеното, а сето ова кое што претходно го кажав не смее да биде изговор за неуспех. Промените кои ќе ја донесат новата иднина треба да започнат и со промени во однесувањето на луѓето кои се одговорни за општините. И тоа ќе побарам веднаш да се случи. Како прво, имајќи во предвид дека во програмите „Гарантирам” имаме предвидено сериозни капитални проекти, ќе побарам на состанокот после оваа прес конференција од градоначалниците во наредните триесет дена да започнат со активности за реализација на најмалку три капитални проекти од инфраструктурен карактер со кој ќе решат значајни проблеми на граѓаните од тие општини, рече тој.

Истакна дека градоначалниците не смеат да ги изневерат граѓаните.

-Како второ, мојот совет до нив пред оваа прес конференција беше да покажат скромност во делувањето, да се откажат од привилегиите кои во минатото од нивните претходници во претходниот мандат се злоупотребуваа, а кој самата функција како можност ги носи. Потребно е да покажеме пред граѓаните дека тоа што го зборувавме, тоа и го мислиме, тоа и го работиме. Веднаш а тоа, апелирам да го направат и оние градоначалници кои што не се од редовите на коалицијата Обнова на Македонија и на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Веднаш да се откажат од употреба или злоупотреба на службените возила надвор од службените потреби на општината, како и да нема злоупотреби на средствата на општината за ненаменски трошења како што се ручеци кои што со својата сметка одговараат на нешто друго а на пристојно однесување. Како трета работа, побарав да се излезе на терен и да бидат во постојана комуникација со граѓаните и заеднички да учествуваат во решавањето на нивните проблеми. Нашето место како тоа и впрочем го зборувавме во кампањата, не е во удобните фотелји, туку меѓу народот на кому му треба помош бидејќи народот лошо живее. Секое едно ветување кое го дадовме не го забораваме и тоа за мене е огромна одговорност. Довербата нема да биде прокоцкана, ниту еден од овие луѓе кои што се позади мене. Доаѓаат нови времиња. Затоа не смееме, сите ние, сите вие да ги изневерите граѓаните, посочи Мицкоски.

Тој истакна дека Македонија е во сериозна криза, потребно е многу работа и одговорност да ги решаваат работите.

-Само така заедно ќе успееме. И од секој еден градоначалник, од секој еден совет, од секој иден локален функционер на ВМРО-ДПМНЕ барам и ќе барам пожртвувана и пред се чесна работа. Граѓаните тоа ќе го ценат. Промените започнуваат, најпрво во однесувањето, но и во реализацијата на проектите. Никому ништо не должиме. Единствено нешто што должиме е само на народот на Македонија. И ако така се однесуваме, народот тоа ќе го цени, концесија ниту јас, ниту овие луѓе овде, ниту било кој иден функционер нема, тие се таму затоа што народот ги одбра и народот е стопан во општината, и народот е стопан во Македонија. А јавноста ја повикувам да биде коректор на идната власт на локално ниво таму каде што се градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Нема веќе батиња, нема веќе братучеди, слободно е Македонија. И народот треба да е свесен дека времето на корумпирани транзициони политичари, или луѓе кои што злоупотребуваат национализам на сметка на интересот на народот е минато во политиката. Сега се поразени, а ќе бидат и декласирани на следните парламентарни избори. Заеднички да го оствариме сонот во кој веруваме и иднина каква што заслужува секој еден човек во Македонија, заклучи Мицкоски.