„Нашата обврска како ВМРО-ДПМНЕ е заедно со народот да го направиме тој ресет и да ја издигнеме Македонија од оваа апатија и овие црнила, тоа ќе го успееме, затоа што силно веруваме во тоа“, стои во честитката на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по повод Денот на независноста.
Во продолжение честитката
Честит 8-ми Септември, Денот на независноста на Република Македонија. Овој ден е круната на македонската борба за слобода, државност и независност. Овој ден е остварувањето на соништата на илјадници синови и ќерки од Илинденската борба, од Народноослободителната борба и од сите епопеи во македонската историја, кои своите животи ги положија за Македонија. Нивниот аманет денес го живееме и имаме обврска да го оставиме на идните генерации по нас, затоа што Македонија е наш дом.
Во 1991 година се исполни волјата на огромно мнозинство на народот да живее во независна Македонија. Тие генерации сонуваа за напредок и горда земја која ќе биде достоинствен и рамноправен член за европското семејство. Но тој сон со годините полека бледнееше, за посебно денес истата таа генерација ги живее најмрачните години од самостојноста, години на безочен криминал, на сеприсутна корупција, на власт на која поважен и е личниот бизнис отколку животот на обичниот човек. Трагедиите во последните години ни станаа секојдневие, недостигаат лекови, недостигаат учебници, недостига правда, но најмногу од сé недостигаат граѓаните кои си заминуваат од својата татковина поради неуспесите, поразите, погазеното достоинство и распадот на системот.
Но овој празник е во исто време и празник на надеж и празник на борба за Македонија. Таа борба никогаш нема да престане. Овој народ е пиреј и ќе се избори со сите предизвици. Македонија ја заслужува таа борба и ќе победи против корумпираната елита на власт и нивните пиони. Сонцето на слободата и просперитетот ќе огрее пак над Македонија. Нашата обврска како ВМРО-ДПМНЕ е заедно со народот да го направиме тој ресет и да ја издигнеме Македонија од оваа апатија и овие црнила. Тоа ќе го успееме, затоа што силно веруваме во тоа.
Нека е вековит Денот на независноста!
Нека е вечна Македонија!