Премиерот Христијан Мицкоски упати божиќна честитка во која посака да го поминеме овој празник во духовен мир, со радост во срцата, во кругот на семејството и најблиските.

„Почитувана Ваша Светост, архиепископ Охридски и Македонски, г.г. Стефан, почитувани членови на Светиот архијерејски синод, почитувано свештенство и монаштво, драги сограѓани, во мое лично име и во име на Владата упатувам најискрени честитки по повод големиот христијански празник – Божиќ.

Раѓањето на Спасителот на светот е симбол на љубовта, милосрдието и жртвата за доброто на човештвото. Овој свет ден нè потсетува на вистинските вредности – вербата, надежта и љубовта, кои треба да нè водат во секојдневниот живот. Божиќ нè повикува и да бидеме солидарни, да си помагаме еден на друг и да ја споделуваме радоста со сите околу нас.

Во време кога предизвиците се бројни, оваа празнична атмосфера нè поттикнува на размислување за заедништвото и единството, како најсилен темел за изградба на подобра иднина. Нека Божиќ биде потсетник дека со вера, труд и меѓусебно разбирање можеме да создаваме општество исполнето со мир, правда и напредок.

Нека Божиќ ни даде нова сила да работиме заедно и да создаваме големи дела за доброто на сите граѓани, негувајќи ја традицијата и духовноста како темели на нашето општество.

Посакувам да го поминеме овој празник во духовен мир, со радост во срцата, во кругот на семејството и најблиските.

Нека Божјата милост нè води низ животот, носејќи благосостојба, здравје и успех во секој наш чекор. Христос се роди!“ – се вели честитката.