Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предупреди дека Уставниот суд веќе се има произнесено за случаи на зголемување на работната недела и дека, во контекст на законските измени за зголемување на бројот на часови што ќе треба да ги одработат работниците ангажирани на изградба на двата коридори, ќе има одговорност кога неговата партија ќе дојде на власт, објави МКД.мк.
„Имајќи го предвид партизираното обвинителство, каде што еден коалициски партнер си поставува обвинител во делот за организиран криминал и корупција, можеби мислеле дека претседателката на Уставен суд, ќе ја смени одлуката од минатото и на тој начин, под притисок на овие политичари, тие ќе донесат одлука спротивна на одлуките кои во минатото ги носеле, а тоа е дека е неуставен делот каде што се бара зголемување на работната недела, изјави Мицкоски во Зрновци.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека одговорност ќе бараат по промената на власта.
„Не е виновна компанијата. Таа си го штити својот интерес, што е нормално. Прашањето е колкава е вината на тие што, наместо да го штитат државниот интерес и интересот на граѓаните на Македонија, го штитат интересот на приватната компанија. Според договорот, доколку во рок од 45 дена од потпишувањето не се смени Законот за работни односи и не се продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа, тогаш Македонија треба да плати еднократен финансиски надомест од минимум 53 милиони евра. Но, и околу дополнителни два милиони евра секој месец, се до моментот додека не се промени овој закон. Ова е шокантно“, изјави Мицкоски.
Инаку, вчера потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во гостувањето на Сител зборувајќи за договорот што Димитар Ковачевски и Артан Груби го потпишале со „Бехтел и Енка“ рече дека доколку законски не се измени работното време односно од 40 часа неделно не се зголеми на 60 часа, тогаш државата ќе плаќа пенали од три вида, еднократно 53 милиони евра, секој месец 1 милион 265 илјади евра на веќе постојни трошоци, кои што треба да се платат во договорот и дополнителни 900 илјади евра.