– Срамно е што за прв пат во триесет години независност ја променија прославата за Илинден. На Мечкин Камен нема говор, едно затоа што немаат што да кажат, друго затоа што се плашат од народот кој ќе им каже што мисли за нивното владеење. Стево Пендаровски не може да биде точката на обединување, тој е точката на разделување, зошто човекот фати страна и реши да молчи тогаш кога требаше да биде гласен. Кога имаше изборни фалсификати, кога требаше да се спротивстави на лошите закони, кога Заев си договараше промени на сметка на идентитетот. Јас не би бил искрен, и ќе го разочарав народот ако денес бев заедно со нив, и би послужил на таквиот фолклор, а тие вечер си продолжеа со криминалите. Јас одбрав да бидам тука со народот, посочи Мицкоски.
Тој додаде дека Македонија е европска земја, и нашето место е токму таму, во семејството на Европската Унија, а она што за Заев сега е Европа, и го вика Мини Шенген, тоа само значи дека донел уште еден пораз за државата и не способен да ја исполни нашата најголема стратешка цел, членството во Унијата.
– Париз, Брисел и Берлин, не може да бидат Врање и Драч. Со целиот респект за нашите соседи, но гумата за спасување на Заев која се вика Мини Шенген е само доказ колку државава тапка во место, и колку имаме неуспешна влада. А уште е понепријатно кога ќе го видите премиерот на сопствената земја во друштво на Вучиќ и Рама како се труди да најде барем еден проект во главниот град за да се пофали дека изградил, а всушност ги фали проектите на владите на ВМРО-ДПМНЕ. Навистина е тешко да се гледа туѓиот срам. На човека му е срам од туѓиот срам. А светот незапирливо оди напред. Веројатно таму на Бихаќка, календарот застанал во 2017-та година па тоа најдобро се гледа и во кадрите кои ги нудат за градоначалниците, стари кадри, стари принципи на работа. Никаква инвентивност, ниту пак некаква надеж дека може нешто да сменат. Заев ќе рече му требало енергија, не Заев тебе ти треба календар да сфатиш дека денес е 2021-та година, а ти уште неколку месеци си премиер, додаде Мицкоски.
Македонија, додава Мицкоски, не е касаба на неколкумина од власта.
– И тука лежи и мојот порив да ги смениме работите. Македонија е на сите луѓе, и Македонија ќе ја направиме за сите луѓе. Еден пријател кој ме познава одамна, ми рече добро Христијан гледај со кого си имаш работа, со Заев кому Горни Милановац е најсеверната точка на бизнис кариерата, постојано си мета на нивната црна пропаганда а на мравка не си згазнал. Трпиш навреди, невистини кон тебе и твоето семејство, што се вели гомила неправди, сопки, закани, разочарувања, а светот може да ти е на дланка. Мојот одговор беше едноставен, ако сите си заминеме и кренеме раце, тогаш го разочаруваме својот народ, но и своите семејства. Не се тие посилни од нас, и нема да бегаме од намерата да се спротивставиме, да ги поразиме и да ја смениме судбината на сите идни генерации и наши деца. Нема повлекување, нема наведнување на главата, ќе се бориме и одиме до крај, до последниот. Не се тие посилни од мојата и заедничката посветеност и одлучност до последниот здив да се бориме да ја смениме тешката реалност, вели Мицкоски.
Претседателот на најголемата опозициска партија смета дека Македонија има иднина, и тој таа иднина ја гледа во новата генерација политичари со која, како што рече, ќе ја извади државата од бездната која оваа власт ја втурна.
– Не сме исти, повторувам не сме исти, затоа што власта сака да мислите дека сме исти, и затоа сакаат да не мачкаат со нивната кал, а кога тоа не го прават директно тогаш на копче ги вклучуваат оние инфлитрирани инсталации и разно разни квази патриоти кои јадат од раката на Заев, СДСМ и власта во исто време кога се удираат во гради колку тие ја сакаат Македонија, се патриоти, а сите други не се. Не се тие иднината. Тие се срамот и потсетување на едно тешко време од транзицијата. Не сме исти затоа што јас нудам концепт и имам визија, на држава каде просечната плата ќе биде 45.000 денари и тоа не е никакво лицитирање со власта. Кога велам 45.000 денари таа ќе биде 45.000 денари каде секое семејство има бесплатен приклучок на гас, каде струјата е поевтина а стандардот повисок, каде самите граѓани одбираат каков проект ќе финансираат преку својот данок на имот, каде тутунарите прво ќе им се откупи сиот тутун по достоинствена цена, а дури потоа ако има потреба ќе се увезува нов. Каде општините ќе бидат целосно дигитализирани, каде човечкото достоинство се вреднува. Каде црвените линии за идентитетот, јазикот и историјата се почитуваат, додаде Мицкоски.
Според него, спорот со Бугарија не е натпревар во 100 метри, ниту тезга на некаков бостан, тоа е она што сме, нашиот идентитет, огледало и битие.
– Во тој идентитет е содржан и илинденската епопеја, и Рацин, и Мисирков, и нашите најубави поеми, литература и уметничко творештво. И знам дека многумина ќе речат, па ова и многу други работи ги ветувале многу пред мене. Да точно е, тоа е така, но сите тие се бледакопија на сликата на транзицијата, на тој еден неморален систем на разврат поттикнувајќи го најлошото во човекот. Нудам нов почеток и нови страници кои заеднички ќе ги испишеме. И кредибилитет и темпо кое ќе реализира се што сме ветиле. Кога ќе речам 45.000 денари просечна плата, јас навистина мислам дека тоа и ќе го направам, посочи Мицкоски.