Многу сериозно ова прашање го разгледуваме и во рамките на партијата и затоа денеска со мене се и двајцата потпретседатели. Сакаме да ги увериме луѓето коишто се дел од реалниот сектор и од бизнис заедницата дека ВМРО-ДПМНЕ е пријател, ВМРО-ДПМНЕ како идна влада има намера сериозно да ја развива Македонија и ВМРО-ДПМНЕ како идна влада има намера сериозно да помага и да биде партнер на бизнис заедницата, а не да биде непријател како што тоа се прави сега и со злоупотреба на европско знаменце насила да се наметнуваат законски решенија меѓу кои што е и ова, солидарниот данок, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на посетата на Гевгелија во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“, одговарајќи на новинарско прашање за став околу солидарниот данок кој е обжален пред Уставен суд.
Мицкоски додаде дека бизнисот заслужува поддршка и мора да престане односот кога власта нема пари, истите да се обезбедуваат преку бизнис заедницата и граѓаните за да може потоа истите тие пари да ги дели преку тендери.
„Цениме дека бизнисот заслужува поддршка и цениме дека ние како ВМРО ДПМНЕ мораме да ја разбиеме стигмата дека кога нема од каде, тогаш се притиска бизнис заедницата и се притискаат граѓаните за да може владата да обезбеди денар повеќе, а потоа тој денар повеќе преку наместени тендери во четири очи делумно, нормално да го злоупотреби, барем за тоа постојат основани сомневање“, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Така што силна поддршка и порака на поддршка денеска од тука од Гевгелија, за локалниот бизнис, но и генерално за бизнисот за Македонија дека ВМРО-ДПМНЕ како идна влада има намера да биде партнер и пријател на бизнисот и да помогне да тие се развиваат, а развивајќи се да ги задржиме и луѓето во Македонија, а задржувајќи ги луѓето во Македонија ќе ја има и Македонија повеќе, ќе не има и нас повеќе. Мислам дека тоа е природен начин на развивање на настаните“.