Тој ова го истакна во неговото гостување во јавниот сервис МРТ, кое што впрочем е и негово прво телевизиско појавување после неделниот реизбор на чело на партијата, при што појасни дека тоа што до сега, во последниот период како партија се пасивни е токму поради тоа да му го сузбијат последниот адут на власта, дека опозицијата е виновна затоа што Македонија нема да добие датум за отпочнување преговори со ЕУ.
-Трпевме критики изминатиов период и често пати ни велеа, добро каде сте, ве нема, зошто молчите, зошто не преземете нешто? Тоа беше само за да, и последниот адут на власта да го сузбиеме. А, тоа е да не бидеме прогласени како деструктивни, дека еве ние сме пречката зошто Македонија не добила датум за отпочнување на преговори, истакна Мицкоски и додаде дека разговарале со граѓаните со цел да им ја објаснат нивната цел и нивната намера.
Тој истакна дека ќе почекаат уште неколку дена за да се одржат заседавањата на Советот на министри при Европската унија, иако според информациите кои стигаат од Брисел, се поизвесно е дека датум Македонија нема да добие, за да излезат со конкретни дејствија кои ќе ги преземаат во понатамошниот период, но истите ќе бидат во рамките на демократијата.
-И еве сега сме вторник, додека водиме разговор со вас, заседава Советот на министри за надворешни работи во Европската унија, денеска се носи одлуката. Да почекаме, да видиме. Иако морам да признам, не сум оптимист, песимист сум, од информациите кои што доаѓаат од Брисел. Во четврток е Советот на министри, состанокот на премиери и шефови на држави, да го видиме и тој заклучок кој ке биде и мислам дека потоа можеме да зборуваме за конкретни датуми, за конкретни дејства и така натаму. Но, тоа мора да биде во рамките на демократијата. Ние не смееме да направиме грешка со која што ќе им овозможиме да владеат со општеството и повторно да ги разочараме оние мудри глави кои што постепено се мобилизираат општествено и ни даваат поддршка во моментот, истакна Мицкоски.