Пораки за создавање на нова иднина и отворање на можности за сите граѓани најави ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски од Прилеп рече дека ќе треба да се поправат многу работи кои изминатите четири години биле погрешни.

По локалните избори, како што рече, очекува ново парламентарно мнозинство и решавање на проблемите, меѓу кои и енергетската криза.

– Да се радуваме со проекти кои ќе значат решенија за обичниот човек, нови улици, училишта, спортски сали, канализации, водоводи, повеќе економска сигурност за сите, рече Мицкоски на митингот во Велес.

Пред велешани рече дека политичарите треба да се луѓе со доблест, чест, подготвени да водат и да се борат за сопствениот народ. За неговиот политички опонент, лидерот на СДСМ Зоран Заев, рече дека од него не може да се очекува дека ќе ја внесе земјата во Европската унија.

– Секој октомври ни вели ноември ќе биде, а во ноември дека ќе биде декември и така 52 месеца или години по ред затоа што реалноста е дека со Заев нема ЕУ и од овој човек ништо не можете да очекувате, никакви резултати, рече Мицкоски.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев на митингот во Струга рече дека актуелната власт вложува во сигурни и реално остварливи проекти, додека опозицијата нуди конфузни најави за некакви проекти, кои се неизвесни.

– Покажавме на дело што значи да се работи со јасна идеја и јасен план за развојот на секој град, за секое село, за цела држава. Колку чекори напред сме отишле во развојот на државата и на општините, а од доброто и подоброто следува Најдоброто, покажува тоа што денес никој не зборува за молк – бидејќи е слобода, никој не зборува за режим – бидејќи е демократија. Никој не зборува за отпуштања од работа – бидејќи, дури и во време на пандемија, ние покачуваме плати и отвораме нови работни места. Имаме историски најниска невработеност од независноста на Македонија, рече Заев.

На митинзите во Струга и Дебар порача дека мора да се негува соживотот, да се почитуваме и да не дозволиме никој да не дели заради политички цели.

– Меѓуетничкиот соживот е наше богатство, голема придобивка, реткост која можеме да ја употребиме или злоупотребиме. Во последните четири години ние тоа го употребуваме. Ние сме доказ дека нема потреба од етнички граници во регионот, Европа и светот. Имаме едно мултифункционално, мултиетничко и мулти религиско општество, кое е големо наше богатство. Струга била пример за тоа и мора да продолжи да води, нагласи Заев на митингот во Струга.

За Охрид, кој е под заштита на УНЕСКО, најави одржливо управување со културното наследство согласно препораките на УНЕСКО.

-Одговорност, грижа и одржливо управување со културното наследство согласно препораките на УНЕСКО. Предвидуваме низа инфраструктурни проекти чија цел е градот да има функционално решение за централниот и најфреквентен дел, рече Заев пред охриѓани.